Мали хидроцентрали ќе никнат и во националниот парк „Маврово“

Вести

Владата пред Нова година им ги продолжи договорите на неколку концесионери на мали хидроцентрали, меѓу кои и на „Хидроген енерџи груп“, фирмата во која удел има ексвицепремиерот Кочо Анѓушев. Таа поседува концесија за изградба на две МХЕЦ во зона на строга заштита во Националниот парк „Маврово“.

Се работи за двете хидроцентрали над селото Жировница, познати како Жировница 5 и 6, на кои пред две години Општина Маврово-Ростуше им ја укина дозволата за градба по бурните реакции на локалното население, кои протестираа поради опасноста селото да остане без вода за пиење.

Со одлуката на Владата, донесена на 32. седница одржана, на 22 декември лани, се овластува министерот за животна средина Насер Нуредини да потпише анекс на договорот за користење на вода за производство на електрична енергија со „Хидроген енерџи груп“ од Скопје, конзорциум составен од „Хидроген груп“ и „Фероинвест“ на Анѓушев, со кој овој концесионер ќе добие нов рок за изградба на малите хидроцентрали до март 2023 година.

„Комисијата за надзор, формирана во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање, утврдила дека концесионерот не бил во можност за започне со градежни активности на МХЕЦ Жировница 5 и 6, при што како една од причините е наведено попречувањето од населението, што довело и до поништување на одобренијата за градба за двете мали хидроелектрични централи. Одобренијата за градба на двете мали хидроелектрични централи се поништени од страна на Општина Маврово и Ростуше, со оглед на тоа што не е започнато со градба на објектите“, велат од Владата.

Концесионерот започнал со активности за повторно обезбедување на одобрение за градење, поради што Владата одлучила да му го продолжи рокот за изградба за 33 месеци, односно до 3 октомври.2022 година, а рокот за почеток на комерцијална употреба до март 2023 година.

Претставниците на месната заедница Жировница, со кои разговаравме велат дека нема шанси да се премислат и дека нема да дозволат да продолжи градбата на двете мали хидроцентрали над селото, во близина на каптажите за вода, од кои со вода за пиење се снабдува ова реканско село.

„Зад нас застанува и Општина Маврово-Ростуше, како и жировничани, раселени низ Европа, кои се подготвени, на наш повик, да се вратат во татковината за да ни се придружат во отпорот против изградбата на овие објекти, како што беа подготвени тоа да го направат и во 2018 година кога за првпат дознавме дека на нашата река сакаат да градат хидроцентрали“, вели Аднан Салиу, претседател на месната заедница. Жировничани се чудат како е можно да се носат одлуки со кои ќе се зафати водата на реката од која пие вода месното население, а за тоа воопшто да не бидат прашани.

Според Законот за животна средина, вакви проекти не смеат да се одобруваат без да биде консултирана засегнатата јавност. Според Законот за заштита на природата, пак, мали хидроцентрали не смеат да се градат во заштитени подрачја, а жировничките хидроцентрали се токму во такво подрачје, во рамките на НП Маврово. Од управата на НП Маврово велат дека ја оспориле согласноста за изградба на жировничките хидроцентрали, дадена од претходното раководство на националниот парк.

Во 2019 година, Владата ја поништи постапката за доделување на концесија за хидроцентралата Жировница 3 во Националниот парк „Маврово“, која требаше да биде трета во низата на хидроцентрали во овој крај.

Извор: Слободен Печат

Претходен написи
Непалскиот тим заедно на врвот К2
Следен напис
Владата повторно подготвува ваучери за туризам