Велосипедската граѓанска група „МТБ Исток“ и спортски ентузијасти од Кочани, в недела, 17 јули го организираат петтото издание на планинската велосипедска тура „Осоговска авантура“.
Учесниците ќе возат на патека долга 36 километри, од спортско-рекреативниот центар Пониква до Царев Врв и назад, со висинска разлика од 960 метри.
-Се работи за средно тешка тура што се вози во офф-роуд услови, поради што учесниците задолжително треба да поседуваат исправен маунтбајк велосипед, заштитен шлем, потребна опрема и соодветна облека за временски услови во планина. Според искуството од претходните години, а во зависност од физичката подготвеност и кондицијата на велосипедистите, за целосно комплетирање на патеката потребни се околу шест до осум часа. По завршување на турата следува ручек и освежување за сите учесници, истакнува Јоже Јованов, дел од организацискиот тим на настанот.
Досега се пријавени околу стотина учесници од повеќе градови во државата, а до утре до кога трае крајниот рок за пријавување, се очекува нивниот број да биде уште поголем. За учество на турата се плаќа котизација од 500 денари, во кој се вклучени маичка од настанот, храна, вода, како и хуманитарна донација од 100 денари за кочанчанката Славица Димитрова, на која ѝ е потребна финансиска помош за итна операција на очите во Русија.
Велосипедската тура „Осоговска авантура“ се одржува со цел да се претстават природните убавини на Осоговските Планини и потенцијалите за планински спортови, како и за да се промовираат туристичките можности за активен одмор во природа.