Попова Шапка е еден од најстарите и најголеми ски-центри во Македонија, кој датира уште од 1947 година и е распослан на падините на една од највисоките планини во Македонија, Шар Планина. Сместен на надморска висина од 1.800 м, се одликува со голем број сончеви денови и со снежна покривка погодна за квалитетно скијање од крајот на ноември до април. Ски-центарот е доста атрактивен затоа што Шар Планина ја карактеризираат голем број врвови со над 2.500 м надморска висина.
Тука се наоѓа и еден од највисоките врвови во Македонија, Титов Врв (2.748 м). Ски-центарот располага со повеќе жичници и ски-лифтови, чија вкупна должина е 11.000 м, со капацитет до 8.000 скијачи на час. Вкупната должина на ски-патеките е околу 20 км, а скијачкиот простор се протега над 35 квадратни километри. Ски-центарот е оддалечен 65 км од Скопје, а со гондола во должина од 7 км е поврзан преку Тетово, но таа во моментов е надвор од употреба. Скијачките патеки се погодни за сите нивоа на скијање, од почетници до професионални фрирајд-авантури. Центарот располага и со три патеки според ФИС-критериуми, на кои секоја година се одржува меѓународниот Шарпланински куп во слалом и во велеслалом. Атрактивноста на центарот се гледа и во големите можности за фрирајд-скијањето и сноубордингот низ недопрените диви предели и пејзажи што се наоѓаат на двете страни од планината.