Адреналински забавен парк, зип линија, три нови патеки за даунхил велозипедизам со различна категоризација, пуштање со баги колички низ ски патеките се новините кои наскоро ски центарот Крушево планира да ги нуди како услуги, покрај постоечките можности за измајмување на АТВ и планински велосипед.
Преку адаптација на клупите на двосед жичницата ќе се овозможи лесен транспорт на сите љубители на даунхил велосипедизмот заедно со нивните велосипеди. Со тоа Крушево ќе стане трет центар или втор (ако ги исклучиме дивите патеки на Водно) после Копанки на Пелистер кои ќе има можност за даунхил возење со велосипеди.
Тим од Швајцарски експерти на компанијата GFC Sports Management AG предводени од светскиот шампион во планински велосипедизам Ралф Неф (Ralph Näf), ќе остварат неколкудневна посета на Крушево со цел анализа на потенцијалот и план за градење на велосипедски патеки на терените во Крушево.
Иницијативата и инвестицијата за изготвување на велосипедски патеки по меѓународни стандарди за планински велосипедизам е на ски центарот Панорама и Хотел Панорама Спа Крушево, со цел дополнување на постоечката туристичката понуда и промоција на активниот туризам во Крушево, а се реализира со поддршка на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка.