Тура по повод 15 години Македон

Вести

Со големо задоволство Ве покануваме да ни се придружите заедно да го прославиме нашиот 15-ти роденден! Растеме и созреваме од година во година…

Славиме на 7 април (петок) во МТП Спорт Клуб сите заедно од 20:30 ч. Преку слики и видеа ќе се потсетиме на првите клупски акции, на првите основачи, на разните искачувања низ нашите убави планини, низ Балканот, Алпите, Андите… Ќе се доделат и Признанија за изминатата година за успешни искачувања и придонеси кон Клубот.

Запомнете го и следниот датум:

На 9 април (недела) одиме сите заедно на традиционално-роденденски настан – акцијата Кожле-Карабуниште, која е всушност првата официјална клубска акција!

За тие што се нови членови, но и за тие што веќе биле со нас на настанот, мало потсетување за акцијата:

Самата акција спаѓа во категоријата лесни (hiking) акции.

Започнуваме во 9:00 часот, од збирно место – село Кожле (скопско во близина на Катланово, сместено во живописна природа над кањонот на реката Пчиња). Патеката продолжува по релативно рамен терен без некои поголеми тешкотии низ убави зелени предели покрај реките Пчиња и Вардар , – се пристигнува во село Карабуниште (Велешко) во подножјето на планината Голешница за околу 2 часа и 30 мин. со лесно движење и уживање во природата на Таорската клисура, овде обично правиме подолга пауза но оваа година може да ја избегнеме (се договараме на лице место) и да продолжиме (вратиме назад) кон Кожле покрај самиот влив на реката Пчиња во Вардар и до манастирот Богородица каде правиме подолга пауза за кафе и ручек: ќе може да се купи јадење, односно пити, кисело млеко, урда, пива, ракија, кафе… И СЕКАКО – РОДЕНДЕНСКО ИЗНЕНАДУВАЊЕ – спремете се за забава!
На крај се враќаме назад до возилата во С. Кожле.

Потребна планинарска опрема:

Разгазени планинарски чевли или тврди патики, полар, јакна за ветер, крема со заштитен фактор, наочари за сонце, планинарски стапчиња, мин 1л вода, храна од ранец.

Бројот на учесници не е ограничен, напротив, ве покануваме сите, а вие поканете уште пријатели за заедно да испешачиме и да обележиме 15 години постоење на ПК Македон.

Сите доаѓаме со сопствен превоз и се чекаме во с. Кожле во 8:45 ч. и заедно тргнуваме во 9 ч.

Претходен написи
Скијањето доби нова кралица незапирливата Shiffrin се одјави со 88 победи 138 подиуми!
Следен напис
Викенд планинска прогноза 25-26 март