Ова лето Европа ја очекуваат суши, поплави, топлотни бранови и пожари

Вести

Европа летово ќе се соочи со посилни, подолги и почести топлотни бранови, како и со суши, поплави и пожари, кои ја загрозуваат природата, здравјето на луѓето и економијата, предупреди Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Во Јужна Европа, би можело да има повеќе од 60 летни денови во кои условите ќе бидат опасни по здравјето на луѓето, доколку не се спроведат мерки за адаптација. Поголеми количини врнежи се предвидуваат во поголем дел од Европа, кои ќе предизвикаат поголеми поплави, особено во северозападните и централните делови на континентот.

Повеќе од половина Европа од 2018 година е погодена од екстремни суши, а минатата година сушите значително го намалија приносот на пченка, соја и маслинки. „Уште една сува зима не навестува добри услови за ова лето и изгледите се песимистични. Исклучително сувата и топла зима значеше ниска снежна покривка и резултираше со ниска влажност на почвата, низок проток на реките и помала вода во резервоарите низ поголемиот дел од Јужна и Западна Европа“, соопшти ЕЕА.

Агенцијата предупредува дека долгорочните климатски проекции укажуваат дека јужните и централните делови на Европа ќе станат уште посуви и потопли во овој век со катастрофални последици за земјоделскиот сектор. Вкупните економски загуби во сите економски сектори поврзани со сушата се очекува да се зголемат до крајот на векот од сегашните девет милијарди евра годишно на 25 милијарди евра со пораст на температурата за 1,5 степени. Проценките се дека со глобално затоплување од два степени, загубите би биле 31 милијарда евра годишно, а од три степени 45 милијарди евра.

На ширење на пожарите влијаеја и сувите и многу топли периоди со силен ветер. Најмногу шумски пожари имаше на југот на Европа, но сè повеќе ги има во централна, па дури и во Северна Европа. Според најтешкото сценарио, Јужна Европа, особено Пиринејскиот Полуостров, ќе доживее значително зголемување на бројот на денови со висока опасност од пожари.

ЕЕА, исто така, предупредува дека потоплата клима носи ризик дека ендемичните и инвазивните животински видови кои носат болести може да се шират на север или на повисоки надморски височини отколку што беше случај досега.

ЕЕА отвори нова веб-страница која ги објаснува најголемите климатски промени поврзани со временските услови, при што корисниците користат интерактивни мапи и графикони за да истражуваат информации за топлотни бранови, поплави, суши и пожари што веќе се случиле, што да очекуваме и колку сме подготвени да се соочиме со тоа.

Претходен написи
Се сруши австрискиот врв Fluchthorn висок 3400 метри
Следен напис
„Амфора“ влезе во големото европско семејство за заштита на животната средина