Планинарскиот клуб „Х2О“ во сабота ja презема работата со домот на Водно

Вести

„Сакаме планинарскиот дом кој е во руинирана состојба да го реновираме и да го застанеме на нозе по европски теркови“, вели Христифор Саракинов, претседател на планинарскиот спортски клуб „Хелти хајк аутдор – Х2О“ по реакциите кои се појавија во јавноста за иднината на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно.

Овој клуб од неодамна доби дозвола од Федерацијата за планинарски спортови да стопанисува со домот во наредните 5 години, откако со него раководеше планинарскиот клуб „Бистра“. Со работа планираат да започнат оваа сабота.

Планинари преку социјалните мрежи ја обвинија Федерацијата дека пред два дена нивното раководство насилно го презело домот за да го предадат на новите газди. Тие стравуваат дека со овој чин се затвора овој јавен објект кој служи за одмор и рекреација на граѓаните и дека ќе стане угостителски субјект.

Саракинов уверува дека домот нема да прерасне во кафеана, како што велат дел од реакциите, бидејќи првично нема услови за такво нешто.

„Не знам дали сте информирани, но горе нема вода. Нема елементарни услови за било каква кујна да се направи или било што. Не знам дали сте свесни дека не само на врв Водно, планинарскиот дом, или крстот на Водно – низ цела планина нема тоалет. Основна работа за да се отвори било каков угостителски објект, треба да има тоалет со санитарен јаз и вода“, појаснува тој.

„Такво нешто [кафеана] не може да има и нема да има. Ние во самиот договор со Федерација сме обврзани дека ќе го задржиме планинарскиот дух. Дека планинарскиот дом ќе го направиме европски дом“, додава Саракинов.

Тој појаснува дека за да можат да продаваат чај, сок или грицки, морале да регистрираат фирма, на името на нивен член.

„Клубот како клуб има дејност обавување на спортски активности – планинарење, спортско трчање, спортско качување, алпинизам итн, но клубот не може да се занимава со давање на угостителски услуги, односно издавање на фискални сметки и продажба“, забележа тој.

Клубот „Х2О“ всушност е составен од членовите на поранешниот планинарски спортски клуб „Макпретрол“ кој постои од 1983 година. Тој се преименува лани во јануари откако нивниот главен спонзор одлучува да прекине со финансирањето на клубот. Сепак, посочува Саракинов, нивните податоци и опрема останале исти.

„Ќе се заложиме да најдеме спонзорства и финансиски средства за домот да го направиме огледало на градот и планинарењето“, вели тој.

Дел од нивниот план за работа е промена на системот за греење. Поточно, досегашното ќумбе да го заменат со централно греење со пелети. Исто така, приоритет за Саракинов се и тоалетите, бидејќи се уште размислуваат како да го решат проблемот со замрзнување на водата во зимски услови, која се носи со цистерни. Соблекувалните, пак, сакаат да ги направат постојано достапни.

Саракинов вели дека тие се обврзани во првите две години да направат инвестиција во нивната работа, а за тоа ветува дека јавноста ќе има целосен увид.

„Домот е планинарски, но не е ниту социјална установа која едноставно дозволува кој што сака да прави“, вели тој, нагласувајќи дека ќе се воведе куќен ред.

„Домот нема кујна, не може да продаваат прехранбени продукти освен оние што се спакувани како смоки и чипс. Затоа, не би имало никаков проблем некој што ќе си донесе сендвич од дома да јаде. Но, не и да се прават гезмиња…. Како порано што беше, извади туршијата, извади виљушките, лажиците, извади ракијата и фати ја масата од 8 наутро и седи до 4 додека не затвори домот. Искрено тоа не ми изгледа планинарски“, додаде тој.

„Даре Џамбаз“ е изграден во 1956 година, а од 1963 година е предаден на стопанисување на ПСК „Бистра“. Битката започна по замената на досегашните стопанственици, но продолжи со бројните жалби и петиција од планинарите на „Бистра“.

Неговиот претседател, Коле Мајнов, во претходна изјава за Радио МОФ рече дека борбата за домот е некоректна, бидејќи се пожали на опструкции во последните 5 години, од поранешни нивни членови коисега се дел од Федерацијата.

„Во овие пет години ни покачија кирија, а ни ги оставија трошоците“, забележа претходно Мајнов.

Од Федерацијата, пак, во своето образложение велат дека договорот со претходните раководители на домот завршил на 28 август минатата година. Оттаму велат дека Комисијата за планинарски домови не била задоволна од тековното одржување на „Даре Џамбаз“ и поради тоа одлучиле да не им го продолжат договорот на „Бистра“, по што го распишаа и огласот за издавање на планинарскиот дом под закуп.

Според нив, најсоодветна понуда доставиле токму од „Х2О“ од Скопје, додека „Бистра“ биле второпласирани.

Во однос на реакциите кои произлегоа за насилниот упад во домот, од Федерацијата велат дека писмено ги известиле „Бистра“ во декември за да се договорат за начинот на предавање на објектот.

„Претседателот на ПСК“Бистра“ Скопје не сакаше да се одржи состанок во живо со претседателот на ФПСМ во простории на ФПСМ со изговор дека е во изолација, па ни on line да се одржи состанок поради негово непознавање на таа техника, па ни телефонски разговор со цел да се договорат за датумот и начинот на мирно предавање на домот. Со писмо бр.24/21 од 15.03.2021 година ПСК Бистра Скопје го извести ФПСМ дека постапката пред надлежните органи не е правосилно завршена и дека ПСК Бистра има право на правни лекови до конечно завршување на постапката и одлука од повисоки судски инстанци. Точно е дека постапката не е правосилно завршена и ФПСМ не може да им забрани да поднесуваат правни лекови до конечно завршување на постапката и одлука од повисоки судски инстанци, меѓутоа мора уште еднаш да укажеме дека постапката во ФПСМ е завршена со конечна одлука и сите понатамошни водени постапки од страна на ПСК Бистра не го одлагаат извршувањето на конечната одлука“, стои во одговорот на Федрерацијата.

Планинарскиот дом, кој го носи името на еден од основоположниците на планинарството во државава, е главно свртилиште за бројни рекреативци преку викенд, каде доаѓаат да се напијат пијалок по симболична цена, или да одморат од искачување на планината. Просторот нуди и можност за пресоблекување, па и за преспивање.

Радио МОФ

Претходен написи
Со 98 % оштетување на видот, Стоилко Стоичев, урива рекорди, ги искачува светските планински врвови
Следен напис
Креативни реклами
Мени