ПРИХОДИТЕ НА ХОТЕЛИТЕ ПОМАЛИ И ЗА 90%

Вести

Македонијатурист, Хотели Метропол и Интернешнл Хотелс, компаниите од угостителскиот бизнис што котираат на берза, како последица на пандемијата лани имаат помали приходи и до 90%.

Ковид – кризата, затворањата на економиите, придонесоа хотелиерската индустрија во земјава, да се соочи со огромен пад на приходите минатата година.

Бројот на туристи во Македонија во 2020 година е намален за 61,5%, на 467.514, според државниот Завод за статистика. Падот е огромен кај странски туристи и изнесува 85%, односно 118.206  странски туристи, додека посетата во 2019 година изнесувала над 757.000.  Бројот на домашни туристи во периодот јануари – декември 2020  е помал за 18,3%.

Годината стартуваше добро, во првите два месеци бројот на странски туристи беше поголем за 15,3% и изнесуваше 65.202, за потоа, од месец март, кога почнаа затворањата на државите низ Европа, како и македонските граници за влез на странци поради пандемијата, драстично да опадне, всушност во април и мај да се сведе практично на нула.

Вкупниот број на туристи во Македонија во првите два месеци е за 10,6% поголем во однос на лани и изнесувал 102.554, но потоа во март е помал за речиси 70%. Во месец јуни, откако се укинаа карантините и се отворија границите, земјава ја посетиле 1.863 странски туристи коишто оствариле 6.374 ноќевања. Оваа бројка на туристи е за 98% помала во однос на истиот месец 2019, додека кај домашните туристи падот на гости е 89%, а на ноќевањата 90%.

ХОТАМ бара туристичките работници да се вакцинираат меѓу првите

Асоцијацијата на хотелските бизниси во Македонија, излезе со барање вработените во хотелите и рестораните да имаат приоритет за вакцинација штом стигнат првите количини на вакцини во земјава.

Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески смета дека на тој начин ќе се покаже дека земјата е безбедна туристичка дестинација, каде гостите ќе се чувствуваат безбедно и да имаме успешна туристичка сезона.

„Треба да се дополнат протоколите за поголема безбедност на гостите. Покрај дезинфекција на собите да се прави и озонирање, како и вакцинација на вработените, кои треба да го прават тоа секојдневно. Потребен е и посебен кол центар каде доколку има гостин со симптоми ќе може да се јави и да добие соодветни инструкции. Сакаме да најдеме начин и како да направиме служење на храната со шведска маса.“, вели Блажески.

„Доколку вакцинациите во Европа и кај нас течат според планираното, доколку успееме да вратиме дел од чартер летовите од Холандија и другите земји, може да се надеваме дека во делот на странските туристи ќе спасиме нешто од сезоната. Иако  резултатите ќе бидат далеку од она што го постигнавме во  2018 и  2019 година, на пример. Повторно за профит ќе може да зборуваме веројатно во 2022 година, во најдобар случај.“, изјави Блажески за повеќе медиуми периодов.

Претходен написи
Недела ден за ски часови придружи се!
Следен напис
Рогла спремна за сноуброд финалето во паралелен велесалом
Мени