Селекторот на скијачка репрезентација Ристевски на Олимпијада, претседателот Циговски реагирал го нема на работа 

Вести

Тренерот, селектор на репрезентацијата во алпско скијање, некогашниот најдобар македонски скијач Антонио Ристевски кој моментално е на Олимпијада во Пекинг во меѓувреме добил писмо од претседателот на скијачката федерација Огњан Циговски во кое се бара да одговори зошто не дошол на работа од 31 јануари. Во емаил комуникациајта се бара од тренерот, кој е вработен во скијачката федерација, до 11 февруари да се изјасни зошто го нема на работа. Иритиран од ова Ристевски се обрати јавноста преку Фејсбук директно од Пекинг.

„Повод за ова мое емотивно обраќање од ЗОИ во Пекинг е големото лично разочарување што македонскиот спорт повторно губи од кусогледи епизодисти залутани во спортските федерации. Затоа, однапред се извинувам на јавноста што сум принуден ова да го сторам среде ЗОИ. Наместо ‘спортот на спортистите’ испадна ‘спортистите аут од спортот’. Јас како најдобар македонски алпски скијач и олимпиец на сите времиња, со кариера повеќе од 20 години доживеав да се правдам поради тоа што сум тренер на најдобрите македонски алпски скијачи, кои оваа сезона покажаа одлични резултати заради кои заедно допатувавме во Пекинг. Замислете, целата јавност знае дека сме на ЗОИ само г-дин Огњан Циговски не знае! Го пишувам ова јавно бидејќи сум огорчен. 11 месеци трпам тортура, а надлежните државни институции се неми за нечие самовластие“, пишува Ристевски на Фејсбук.Можеби ќе ве интересира

Антонио нагласува дека целиот период живеел со секојдневен голем стрес во интерес на македонските скијачи и на македонскиот спорт, а пред сѐ, поради олимписките квалификации и Олимписките игри во Пекинг 2022.

„Целата оваа фарса против мене, мојот клуб и мојата должност како главен тренер на алпските репрезентации во Скијачката федерација и најдобрите македонски алпски скијачи е јасна – сакаат да ме отстранат од спортот. Едноставно мојот спортски габарит е преголем за нечија неспособност и малодушност. Ама и тоа не е проблем, јас на оваа позиција дојдов со искуство, резултат, способност и знаење, а не како некои кои сега се замислуваат дека се спортска власт и одлучуваат за спортските судбини. Јас имам каде да одам и што да правам во овој спорт, ама г-дине Циговски, вие ќе останете сам во таа Федерација. Можеби тоа и е вашата цел. Како што сте тргнале ќе бидете запомнети како гробари на македонското спортско скијање. Па да Ви кажам, јас бев и сум на ЗОИ во Пекинг заедно со Дардан, каде гордо и достоинствено ја претставуваме нашата држава. Ние ќе бидеме светлата страна на историјата. Тоа не може да го избришете со мејлови, закани, препорачани писма, забрани за тренинг на ‘вашето Маврово’… Можеби можете да ме избркате од работа, но спортската душа никогаш нема да ми ја одземете!!!“, порача Ристевски.

Денес реагираше и другата страна, претседателот на скијчката федерација Огњан Циговски се огласи со своја изјава:

„Барањето за произнесување за отсуство од работа испратено до г-дин Ристовски беше испратено и до сите вработени кои го немаат оправдано отсуството, без исклучок и без оглед на личните и приватните достигнувања во спортот. За жал новото раководство на Федерацијата затекна ваква состојба на непочитување на професионалните работни задолженија од страна на вработените што редовно, секој месец подигаат плата. Од за нас нејасни причини, ваквата состојба била за жал толерирана од претходното раководство.

За нас е очекувано што некој, во случајов господинот Ристевски, е вознемирен што му се обраќаме писмено и преку овластени правни застапници. Навикнат да се однесува неодговорно, непрофесионално и неетички кон професионалните обврски во федерацијата, наместо да одговори зошто речиси цела година зема полна плата, а го нема на работа, г-дин Ристевски пласира невистини и дезинформации во јавноста.

Со ваквото однесување господинот Ристевки нанесува директна штета на македонското скијање бидејќи во негова директна надлежност е реализирањето или прецизно, заради неговото неработење, на нереализирањето, на Националната Програма за развој на скијачките спортови во РСМ.

Сега станува многу појасно зошто толку тажно изгледа учеството на само тројца олимпијци од Македонија на зимските олимписки игри во Пекинг.

Сега знаеме и дека четвртиот македонски учесник во Пекинг, во улога на тренер, е господинот Ристовски. Тој што е лично одговорен за симболичното учество на нашата земја на Зимската олимпијада 2022.Можеби ќе ве интересира

Новото водство на Федерацијата ќе стави крај на сите вакви и слични девијации во работењето на секој поединец.

Претходните успеси и резултати во скијачката кариера, која сега ја продолжува како тренер, го обврзуваат господинот Ристевски, со целосна посветеност да им го пренесе своето знаење и искуство на генерациите што ги подготвува. Тука мислиме особено на фер плеј односот, колегијалноста и овозможувањето на простор за реализација на мотивациите и сонот на секој млад човек што сака да успее во белите спортови.

За жал, наместо мотивација и масовна поддршка на многу млади таленти, г-дин Ристовски, селекторот на македонската репрезентација во алпско скијање, избрал да тренира само двајца спортисти со потенцијал да остварат забележителни Олимписки резултати.

Скијачката федерација на Македонија нема да толерира вакво самоволие. Во нашата држава има многу талентирани деца и младинци чијашто искрена поддршка и квалитетни подготовки ќе значат многу поуспешно и позначајно учество на големите натпреварувања и резултати и успеси за Македонија во белите спортиви на задоволство на сите наши граѓани.

За крај, ќе ја искористам оваа можност, во мое лично име да ја информирам јавноста.

Јас, Огњан Циговски, ги демантирам лагите на г-дин Ристевски поврзани со Скијачкиот центар Маврово. Имено не само што не му е забрането на ниту еден клуб да тренира, туку на ски – терените во Маврово секојдневно има клубови кои ги одржуваат своите тренинзи и тоа е евидентно и лесно проверливо. Сите тие клубови имаат целосна поддршка од Скијачкиот центар Маврово. Исто како што го поддржувавме и нашиот најголем и најдобар алпски скијач на сите времиња, со години наназад. Затоа што веруваме дека спортот е за спортистите. Притоа не само за еден (најдобриот), туку за сите“.

Previous Post
Голема лавина на Шар Планина во Брезовица
Next Post
Петок ноќно скијање на Пониква