Шара конечно прогласена за национален парк!

Вести

Пратениците во Собранието со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и донесоа историска одлука. Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на Република Македонија.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во земјава и богат и ендемичен растителен и животински свет. Од ресорното министерство посочуваат дека паркот располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности.

Според министерот Насер Нуредини, со донесувањето на законот се отвораат нови можности.

  • И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат, се вели во писмената изјава на министерот Нуредини.

Со Шар Планина како четврт национален парк во државата се заокружува сложувалката што недостасуваше и во регионот се добива прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244,617 хектари. Имено, во Косово постои национален парк од 1986 година, а во Албанија постои заштитено подрачје „Кораби“ во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и нашиот Национален парк „Маврово“, со што целиот простор со извонредни биолошки и естетски вредности може да добие интегрална заштита.

Исто така Македонско еколошко друштво и платформата Пријатели на Шара го поздравуваат изгласувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.

  • Како поддржувачи на овој долгогодишен процес сакаме да изразиме огромно задоволство и признание на сите вклучени страни во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, процес кој што беше долг и макотрпен, но со верба и многу работа од страна на институциите, донаторите, невладините организации и секако локалното население кое изминатите години го поддржуваше овој процес, се посочува во соопштението.

Еден од најгласните поборници за оваа иницијатива беше професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и речиси постојано беше вклучен во сите активности поврзани со постапката за прогласување на Шара за национален парк и лобирањето Шара да се заштити и тоа уште од 1997/98 година.

Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП Галичица.

Previous Post
Единствениот Македонец на ултра велосипедска трка во САД долга 6.920 км
Next Post
Од утре од 6 до 20 ч. забрането движење во шумите