На 12.06.2022 година на Попова Шапка, Шар Планина, се одржа четвртото издание на “Титов Врв скајрејс“ во организација на Планинарскиот клуб “Македон” и во соработка со ФПСМ. За жал оваа година поради исклучително неповолните временски услови немаше можност да се трча до највисокиот врв на Шара, а беше понудена изменета и скратена рута во должина од околу 11 километри и 850 висински метри со највисока точка до крајната станица на жичарата Церипашина на околу 2400 мнв.
И покрај лошото време на стартот се појавија 51 натпреварувач, а трета година во низа најбрзи беа Дејан Ангелоски (1 час 03 минути) и Елена Ртоска (1 час 19 минути) со што се закитија со титулата државни шампиони во скајранинг. На второто место се пласираа Вера Урдаревска и Никола Илиевски, додека третопласирани беа Сања Најдовски и Сашо Богојевски.