Ски федерација доби и втор претседател

Вести

Огњан Циговски избран за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на Скијачката федерација на Македонија

Клубовите кои не се согласуваа и ја оспоруваа легимитноста на собранието каде што за претседател беше избран Дејан Пановски реализираа вондредно собрание каде донесоа нова одлука.

На завчера одржаното вонредно Собрание на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) 9 клубови од вкупно 17 со право на глас, го избраа Огњан Циговски (Генералниот директор на ски центарот Маврово – Ресорти Маврово) за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на СФМ. Покрај тоа, избрани се и другите органи и тела за редовно функционирање на СФМ.

Новото раководство доби легитимен избор согласно Статутот на СФМ, според кој јасно е пропишано дека  Собранието  може да работи само доколку се присутни повеќе од половина од постојните членови, а одлуките се полноважни доколку за нив гласале повеќе од половината присутни на Собранието, но не помалку од една третина.

„Целиот свој работен век активно сум вклучен во создавање на услови за унапредување на скијачките спортови и на Скијачката федерација на Македонија. Таа треба да ги штити интересите на сите клубови и да има комплетна транспарентност во трошењето на државните средства, средствата од спонзорите и ФИС. Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во својот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и наместо елитистички да ги направиме достапни за секое дете кое сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост како и за секоја генерација на спортисти. Благодарен сум на довербата на скијачките клубови и посветено ќе се заложам за исполнување на овие цели“, истакна Циговски по изборот за претседател на СФМ.

Вонредното Собрание беше закажано со поканите од 11.02.2021 година по иницијатива на повеќе од една третина клубовите на СФМ, значи пред редовното кое го закажа привременото раководство на СФМ. Покана за учество на Вонредното Собрание кое се одржа на 03.03.2021 година беше упатена до сите клубови членки на СФМ. Во интерес на спортот и изнаоѓање на заеднички јазик овие клубови присуствуваа на „редовното“ Собрание на 02.03.2021 година, но по обидот за незаконски избор на претседател надвор од Статутот, 12 клубови го напуштија ова Собрание, од кои 9 со право на глас бидејќи одбија да бидат дел од не статутарното работење наметнато од страна на претходното раководство предводено од Васил Сокле.

Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите е главна цел за новото раководство на СФМ предводено од претседателот Циговски. Во таа насока веднаш ќе започнат активности и соработка со сите клубови, институции и поддржувачи.

Претходен написи
Кризниот штаб во Србија ги затвара скијалиштата
Следен напис
Уникатно уживање како низ скандинавските фјордови