На официјалното отворање на скијачката сезона на Попова Шапка која започна вчера, туристите на центарот останаа речиси 12 часа.Скијачкиот ден заврши околу 16 часот, мракот се спушти, но посетителите не можеа да се вратат дома. Патот Тетово- Попова Шапка, беше блокиран повеќе од 3 часа. Возачите со своите семејства и пријатели кои уживаа во прекрасниот сончев ден и белите падини на ски – патеките, нервозни останаа заглавени во возилата.
Попова Шапка нема доволно паркинг места да опслужи илјадници возила, кои за време на скијачката сезона доаѓаа во центарот, па така голем број од возачите се паркираат долж патот Тетово – Попова Шапка, но со насоки од припадници на полицијата, со цел да се избегне сообраќајниот хаос како синоќа.
„Меѓутоа, неадекватниот капацитет на коловозот за толку голем број возила (проценка од 8 до 10 илјади), дополнително стеснет од снегот лево и десно, ја намалија сообраќајната проточност на овој потег. Покрај тоа, евидентен беше и недостигот на простор за паркирање, а проблем направија и многу возила оставени на несоодветни места, нестрпливоста на возачите и недисциплинираното однесување на не мал број возачи, поради што се создаваа мешаници и бавен проток на возилата во едната и другата насока“, изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Вчера официјално започна скијачката сезона на Попова Шапка каде наврна речиси половина метар снег. Сончевото време и белата покривка привлече илјадници туристи, пренесува Слободен печат.