Пратениците во Собранието со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк и донесоа историска одлука. Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето на Република Македонија.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во земјава и богат и ендемичен растителен и животински свет. Од ресорното министерство посочуваат дека паркот располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности.
Според министерот Насер Нуредини, со донесувањето на законот се отвораат нови можности.
- И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат, се вели во писмената изјава на министерот Нуредини.
Со Шар Планина како четврт национален парк во државата се заокружува сложувалката што недостасуваше и во регионот се добива прекугранично заштитено подрачје со вкупна површина од 244,617 хектари. Имено, во Косово постои национален парк од 1986 година, а во Албанија постои заштитено подрачје „Кораби“ во категоријата парк на природа од 2011 година. На тие подрачја се надоврзува и нашиот Национален парк „Маврово“, со што целиот простор со извонредни биолошки и естетски вредности може да добие интегрална заштита.
Исто така Македонско еколошко друштво и платформата Пријатели на Шара го поздравуваат изгласувањето на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
- Како поддржувачи на овој долгогодишен процес сакаме да изразиме огромно задоволство и признание на сите вклучени страни во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, процес кој што беше долг и макотрпен, но со верба и многу работа од страна на институциите, донаторите, невладините организации и секако локалното население кое изминатите години го поддржуваше овој процес, се посочува во соопштението.
Еден од најгласните поборници за оваа иницијатива беше професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и речиси постојано беше вклучен во сите активности поврзани со постапката за прогласување на Шара за национален парк и лобирањето Шара да се заштити и тоа уште од 1997/98 година.
Според претседателот на МЕД, Славчо Христовски, прогласувањето на Шара е историски чекор бидејќи точно 63 години немавме прогласено национален парк во земјава, по прогласувањето на НП Галичица.