Скијањето е стил на живот, уживање во безкрајните хоризонти на планините и зимските убавини, бегство од загаденост и галама на урбаните средини. Вистинскиот одмор, забава и рекреирање со семејството или пријателите преку низа зимски спортски активности бара и соодветна физичка подготвеност, свесност околу правилното однесување на скијачките терени.
Скијањето и сноубордингот се активен спорт, се активира целото тело и сите групи на мускули, спорт кој опфаќа големи надморски височини, големи осцилации на температура и временски амбиент, студ, ветар и силно сонце, варијации на телесна температура при скијање и при чекање во ред или превоз на жичара. Со цел полесно да се справите со овие фактори и да се заштитите од несакани повреди, пред стартот на скијачката сезона доколку не сте активен спортист задолжително да го мобилизирате своето тело преку најразлични кардио вежби, трчање, пливање, возење точак, посета на фитнес центри, проверка и консултација со доктор за претходни повреди. Секако покрај физичките па и психички подготовки, важна е проверката на исправноста на ски опремата, соодветноста на скиите, сноубордот, везовите, кондурите итн.
Во текот на зимската сезона, движењето на планина по снег и изложеноста на свеж воздух имаат големо значење за здравјето, ја зголемуваат циркулацијата на крвта, позитивно влијаат на организмот и го загреваат телото. Треба да развиеме навика и желба да бидеме на снег и да уживаме во благодетите на зимата. Ако сакате да се вратите од скијање освежени и со пријатно исончан тен ќе треба да преземете неколку основни заштитни мерки.
Накратко на што треба да внимавате: Облека гледајте да биде топла и удобна, користете природни материјали како волна, наспроти синтетиката која го предизвикува потењето поради што кожата може да се иритира. Облеката за турно скијање и планинарство не е иста со облеката која се користи во рамките на ски центрите. Под винд-јакната подобро е да облечете две потенки волнени слоеви маички и блузи наспроти една подебела. На стапалата облечете соодветни волнени термо чорапи и секогаш понесете резервен пар за промена. Волната најдобро дише и ја транспортира влагата надвор. Дополнителни додатоци задолжителни во зима се секако топлата волнена капа и ракавици, а при долготрајна изложеност на сонце на снег задолжителни се наочари за сонце со висок УВ филтер кои ќе ве заштитат од силната светлина и одблесок што е интензивен на ски терените и планините посебно во зима. Носењето на заштитна кацига е задолжително при скијање со цел да се минимизира ризикот од несакани ситуации.
Нега на кожата: Кожата на лицето мачкајте ја со хидрантни и хранливи креми со заштитен фактор бидејќи на планина сонцето го гори лицето поинтензивно како и под влијание на силниот ветер, така што може да се случи лицето да изгори и испука од исушеност. Затоа се препорачува и внесување на течности-вода, чај, сокови, повеќе пати во денот. Дерматолозите не препорачуваат, дури ни во зима, користење на т.н. масни креми кои ги затвораат порите и не дозволуваат кожата да дише. “Не се препорачуваат, ни масни креми наменети за детската кожа, кои им помагаат само на бебињата. На кожата на возрасните и е потребна влага, а не маснотија. Не заборавајте да ги заштитите и усните, балзамите со заштитен фактор се одлични за на планина. Кога навечер ќе се вратите изморени по целодневното скијање, санкање, лизгање, за опуштање препорачливо е туширање со млака вода, наспроти када наполнета со врела вода за која сите сонуваме додека ни е ладно.” ни изјави Др.Вангел Битољану дермато-венеролог.
Исхраната: Кога се наоѓате на скијачките терени гледајте оброците да ви бидат лесни и хранливи, со високо енергетски намирници, кои брзо се варат и веднаш му даваат енергија на организмот.
Појадок: комбинација на протеини и јаглени хидрати (млеко, житарици, мармалад, мед, путер, сирење, јајце, свежо овошје…) Ручек: лесен, лесно сварлив и топол оброк, супи, динстано или варено месо со минимум маснотии, свеж зеленчук, ориз, спанаќ итн. Ужина: добро е да се напиете кафе или чај со некое колаче + бадеми, кикирики, суво грозје, лешниици. Вечера: лесни салати, супи, овошје и житарици.