Владата упорна во продажбата на скијачкиот центар Попова Шапка. Премиерот Заев на МТВ изјави дека постои интерес од страна на странски ски оператори. “Заинтересирани се познати компании од Швајцарија, Италија, Австрија за скијачки центри како што е Попова Шапка. Во Косово испорачавме понуда да влеземе заедно со Брезовица од нивна страна за да биде попримамлива. Генерално се позитивни и верувам дека можеби и заедно да одиме.” рече премиерот.
Ова го потврди министерот за економија Крешник Бектеши “Во текот на наредната година ќе објавиме јавен повик за целосна приватизација или за јавно-приватно партнерство (ЈПП) за ски центарот Попова Шапка”
А што наспроти владата мислиме ние. Развојот на Попова Шапка нема да го донесе приватниот инвеститор сам по себе, ако тој не е навистина квалитетен познат голем ски оператор со искуство во управување со ски центри. Ризикот да заглавиме уште 10 години со истите лифтови само префарбани е голем, ако гледаме само да се “откачиме” од Шапка кај некој приватњак.
Делумно согласни како што изјави премиерот дека државата е лош стопанственик. Може и не мора да биде така. Ако го ѕирнеме соседниот пример со ски центарот Копаоник, Скијалишта Србија е државна сопственост, а 2018 слично и 2019 година ја завршија како трета компанија по профитабилност позади Србија Гас и Електро дистрибуција. Растурија со бизнис речиси декада наназад. Цените на услугите рипнаа неколкукратно нагоре заради преголемата побарувачка и туристи. Но на сето ова претходеше речиси милионски инвестиции од година во година во скијачката инфраструктура, и тој инвестициски циклус продолжува без застој секоја сезона. Тоа донесе бројни квалитетни приватни хотели и апартмани, тие хотели донесоа нови странски скијачи кои оставаат повеќе пари во рестораните, скијачките школи, рентал сервисите, спортските продавници и спиралата на прогрес летна нагоре.
Ски центар со планина како Шара, доминантна во регионот е преголема штета да се даде во раце на приватен сопственик освен ако не е навистина сериозен капиталец во управувањето со ски центри. Во спротива, владата треба да донесе одлука како за градба на автопат, хидроцентрала, гасовод итн. Да се издвојат 100 милиони евра во рок од 5 години за комплетна промена на скијачката инфраструктура на Попова Шапка.
Имајќи во предвид дека Македонија е богата држава која низ годините наназад потроши повеќе од милијарда евра за една автопатна делница Кичево – Охрид, стотина милиони евра издвоени постепено од следните 5-6 буџети во следните неколку години би биле занемарливи за ваква инвестиција која ќе враќа пари. Секако и менаџмент со одврзани раце кој ќе работи од љубов не само за плата. Попова Шапка и Шар Планина севкупно има капацитет да го рани цел Полог со 365 дена софистициран туризам. Но треба да се гине од работа!