Македонијатурист, Хотели Метропол и Интернешнл Хотелс, компаниите од угостителскиот бизнис што котираат на берза, како последица на пандемијата лани имаат помали приходи и до 90%.
Ковид – кризата, затворањата на економиите, придонесоа хотелиерската индустрија во земјава, да се соочи со огромен пад на приходите минатата година.
Бројот на туристи во Македонија во 2020 година е намален за 61,5%, на 467.514, според државниот Завод за статистика. Падот е огромен кај странски туристи и изнесува 85%, односно 118.206 странски туристи, додека посетата во 2019 година изнесувала над 757.000. Бројот на домашни туристи во периодот јануари – декември 2020 е помал за 18,3%.
Годината стартуваше добро, во првите два месеци бројот на странски туристи беше поголем за 15,3% и изнесуваше 65.202, за потоа, од месец март, кога почнаа затворањата на државите низ Европа, како и македонските граници за влез на странци поради пандемијата, драстично да опадне, всушност во април и мај да се сведе практично на нула.
Вкупниот број на туристи во Македонија во првите два месеци е за 10,6% поголем во однос на лани и изнесувал 102.554, но потоа во март е помал за речиси 70%. Во месец јуни, откако се укинаа карантините и се отворија границите, земјава ја посетиле 1.863 странски туристи коишто оствариле 6.374 ноќевања. Оваа бројка на туристи е за 98% помала во однос на истиот месец 2019, додека кај домашните туристи падот на гости е 89%, а на ноќевањата 90%.
ХОТАМ бара туристичките работници да се вакцинираат меѓу првите
Асоцијацијата на хотелските бизниси во Македонија, излезе со барање вработените во хотелите и рестораните да имаат приоритет за вакцинација штом стигнат првите количини на вакцини во земјава.
Претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески смета дека на тој начин ќе се покаже дека земјата е безбедна туристичка дестинација, каде гостите ќе се чувствуваат безбедно и да имаме успешна туристичка сезона.
„Треба да се дополнат протоколите за поголема безбедност на гостите. Покрај дезинфекција на собите да се прави и озонирање, како и вакцинација на вработените, кои треба да го прават тоа секојдневно. Потребен е и посебен кол центар каде доколку има гостин со симптоми ќе може да се јави и да добие соодветни инструкции. Сакаме да најдеме начин и како да направиме служење на храната со шведска маса.“, вели Блажески.
„Доколку вакцинациите во Европа и кај нас течат според планираното, доколку успееме да вратиме дел од чартер летовите од Холандија и другите земји, може да се надеваме дека во делот на странските туристи ќе спасиме нешто од сезоната. Иако резултатите ќе бидат далеку од она што го постигнавме во 2018 и 2019 година, на пример. Повторно за профит ќе може да зборуваме веројатно во 2022 година, во најдобар случај.“, изјави Блажески за повеќе медиуми периодов.