Во планините важат други законитости отколку во долините и градовите. Тие што сакаат да ги посетуваат планините, треба да ги познаваат тие законитости и да им се прилагодуваат. Ако немате искуство, најдобро е во зимски услови во планина да се движите со планинарски водичи регистрирани при Федерацијата за планинарство во Северна Македонија (ФПСМ).
Што треба да знаете ако во зимски услови учестувате во планинарска акција?
- Околината е покриена со снег и околностите за движење низ планините се променети, бидејќи ако низ шумата сеуште се гледа маркацијата на дрвјата, по голините тоа не е можно. Снегот ја покрива маркацијата и ги покрива патеките.
- Бидете подготвени за ниски температури, пократки денови, затворени планинарски домови, мал број луѓе низ планините, опасност од лавини, и секако, опасности од лизгање.
- Внимавајте на снежните стреи по гребените создадени од силен ветер и движете се неколку метри под гребенот, по „не-ветровитата“ страна.
- Околностите во планините брзо се менуваат и може да бидат поинакви од очекуваните или од предвидените, па затоа поседувајте опрема која ќе ви помогне во тие услови.
Пред почеток на акцијата треба да се запрашате:
- Дали сум подготвен (психички и физички)? Дали акцијата е за мене?
- Каква е временската прогноза? Лошото време и слабата видливост повеќекратно го продолжуваат движењето. Дали имам облека и обувки што ќе ме штитат од силен ветар, студ и врнежи? Дали во текот на акцијата ќе поминеме покрај планинарска куќа или засолниште?
- Каква е опасноста од лавини? Каков е снегот?
- Имам ли во ранецот сé што ми е потребно за денешната акција?
- Каква е патеката по која ќе се движиме? Направете скица на патеката и поделете ја на делови и предвидете одмор. Потрудете се да ја запаметите патеката во себе.
- Колку часа ми се потребни за да ја поминам целата патека?
- Стрмен ли е теренот?
- Со кои опасности ќе се сретнам патем?
- Изберете акција примерна за вашата физичка и психичка подготовка, имајте ја потребната опрема која знаете да ја употребувате.
Каква опрема ви треба?
- За зимски акции потребна ви е целата опрема што ја користите во останатите три сезони. Покрај тоа, потребни ви се добри зимски чевли, гамаши за заштита од снег, заштитна јакна од ветар, студ и влага, топла долна облека, заштита од сонце, резервна облека, и топли течности и храна.
- Во зависност од теренот и временските услови, употребувајте цепин и дерези. Ако на нозете имате дерези, во рацете треба да имате цепин (планинарските стапчиња се прикачуваат на ранецот).
- Носете „Лавинска тројка“ (лавински примопредавател, лавинска сонда и лавинска лопата). Вклучениот лавински примопредавател ставете го околу телото, под горниот дел на облеката (дома проверувате дали работи), а сондата и лопатата ставете ги во ранецот. Пред почеток на зимската сезона обновете го знаењето за употреба на лавинскиот примопредавател, со практично лоцирање на друг лавински примопредавател закопан во снег.
- Опремата не ви користи, а може да биде и небезбедна, ако не знаете да ја употребувате. Затоа, обновувајте го наученото во пракса.
Што да им препорачаме на тие кои немаат искуство со акции во зимски услови?
- Зачленете се во планинарско друштво / клуб и движете се низ планините под водство на планинарски водичи. Прашувајте ги планинарските водичи, советувајте се со нив, искрено кажете им го своето искуство. Планинарскиот водич при ФПСМ ќе ви препорача акција соодветна на вашето искуство.
- Препорачуваме здобивање на искуство во планинарските друштва и во нивните планинарски школи.
- Почитувајте ги советите и предупредувањата. Почитувајте ја постапноста при движење низ планини (од полесни кон потешки акции, од пократки кон подолготрајни акции), изберете патека или врв соодветни на вашето знаење, физичка и техничка подготовка.
- Почитувајте го правилото (кое не важи за акции со планинарски водичи): никогаш не одите по патеки и кон врвови по кои не сте оделе во суви услови. Во текот на зимата, околината е променета, патеките и маркациите се покриени со снег.
Не е на одмет да го знаете и ова:
- Во зима, никогаш не одите сами низ планините.
- Пред почеток на зимската сезона практично пробајте ги дерезите и цепинот, запирањето на падови со цепин на падини со безбеден завршеток.
- При подготовка за акцијата, внимавајте на краткиот зимски ден.
- Проверете дали се отворени планинарските куќи.
- Проверете ја временската прогноза за планината низ која ќе се движите.
- Известете ги своите блиски за текот на вашата планинарска акција.
Напомени
- Зачленете се во планинарско друштво, бидејќи под водство на искусни планинарски водичи на ФПСМ ќе се здобиете со основно знаење за безбедно движење низ планините.
- Добро подгответе се за секоја акција и приберете што повеќе информации за неа.
- Не заборавајте дека најголемата одговорност за вашата безбедност ја имате вие.
Секогаш имајте во мислите дека искачувањето на врвот е само половина од патот. Целта е безбедно да се вратите дома