update: Викенд планинска прогноза 20-22 јануари

Вести

Како што и беше најавено на средината на неделава, врнежите кои што ги очекувавме, дел се остварија, а дел допрва доаѓаат. Снежните врнежи заради високата температура во текот на вчерашниот ден (четврток), беа застапени генерално над 1800 метри, локално и до 1600, но снегот беше влажен под 1800 метри. Вечерта донесе пад на температурата, па во ноќта снежните врнежи се спуштија до висина од околу 1100 метри. Овој бран на врнежи веќе „издишува“, ама нема долго да чекаме за вториот.
Од синоптичката карта на сликата јасно се гледа прогресијата на вториот циклон со пропратниот фронтален систем кој ни ги носи новите врнежи.
Од овој систем поголемо „фајде“ во однос на снегот ќе имаат планините во централниот дел на Балканот, а кај нас во Македонија планините западно од Вардар.
Во однос на временските услови за движење в планина, недела нуди подобро време.

САБОТА:

Облачно низ целата земја. Наутро и претпладне врнежи од снег со умерен интензитет долж западна трансверзала и регионот на Галичица, Баба и Ниџе. Слаб до умерен интензитет на врнежите очекуваме и во останатите планини во западниот крај. Попладне врнежи од снег ќе има и на планините во источниот крај, но со слаб интензитет. Во текот на ноќта врнежите ќе престанат.

Видливоста на планините во западниот регион ќе биде особено лоша. Во источниот регион видливоста ќе биде маргинална.

Просечна висина на 0°С изотерма на пладне:  
Запад : 1000 метри.
Исток: 1400 метри

Температура на слој на воздух на 1500м на пладне:  
Запад: околу -2°С.
Исток:  околу 0°С.

Ветер на 1500м: Слаб до умерен југоисток

Ветер над 2000м:  Засилен југозапад.

НЕДЕЛА: 

Мала, локално умерена облачност. Врнежи не се очекуваат. Видливоста генерално добра, а само локално малата облачност на падините може да резултира со изолирани сегменти со намалена видливост.

Просечна висина на 0°С изотерма на пладне:  
Запад: 1000 метри.
Исток: 1600 метри

Температура на слој на воздух на 1500м на пладне:  
Запад: околу -2°С.
Исток:  околу 2°С.

Ветер на 1500м: Слаб до умерен југоисток

Ветер над 2000м:  Слаб до умерен југоисток

Новата тура на снежни врнежи ја очекуваме веќе в понеделник, и тоа ќе биде третиот фронтален систем за помалку од недела дена. Но, заради повторната адвекција на потопол воздух, висината од која очекуваме снег во просек ќе биде околу 1500 метри.

Претходен написи
Снегот ќе не бомбардира во бранови викенд продолжена прогноза
Следен напис
Британскиот актер Џулијан Сендс исчезна на планинарење