Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и оваа година од 5ти до 7ми март, заедно со туристичкиот сектор беа дел од интернационалната саемска манифестација ИТБ Берлин 2024. Светската туристичка берза ИТБ Берлин ги отвори вратите за илјадници туристички посетители кои нудат атрактивни и иновативни туристички продукти со фокус на одржливи туристички дестинации, а со тоа и поддршка на локалното производство и локалната економија.
Дел од македонските туроператори ги промовираат можностите кои ги нуди Македонија на туристите од Германија.
Германскиот туристички пазар станува приоритетен, поткрепено со фактот дека туристите од Германија се во првите пет по престој во земјава, со остварени 35000 туристички посети за 2023г.
На репрезентативниот штанд кој ги отсликува туристичките дестинации во земјава директорката на Агенцијата за туризам, м-р Јасмина Лескаровска потпиша Меморандум за соработка со цел да ја обновиме комуникацијата со германската организација “ASR”- Алијанса на независни туристички трговци која ги застапува интересите на самовработените средни бизниси во германската туристичка економија, со главниот фокус на основање на меѓународни партнерства.
Потпишан е Меморандум на соработка со германската организација “FAR”- водечка мрежа на германски тур-оператори посветени на одржливост на дестинациите. Соработката е во насока на организирање на информативно патување во Македонија за сите заинтересирани туроператори од Германија кои ќе ја вклучат нашата дестинација во туристичките понуди за германските туристи.
Македонскиот изложбен простор беше посетен од македонскиот амбасадор во Берлин, г-дин Илбер Села, Агенцијата за туризам искажува благодарност за одличната логистика и соработка со амбасадата за зајакнета туристичка промоција на Македонија на германскиот туристички пазар.
Благодарност до Швајцарската програма за промоција на извозот (SIPPO) за поддршката и отворената соработка за зајакнување на капацитетите и остварување на комуникација со туристичките енитети од Германија.