Монографија “Звукот на тишината” од Гого Попов

Вести

Гого Попов – Стариот, човекот кој меѓу првите ги овековечи македонските планини. Професионален фотограф, планинар, скијач, тренер, инструктор, спасител, идеолог, ентузијаст, професионалец.

Во оваа монографијата, низ приказната за животот на Гого Попов, ќе се запознаеме со почетоците на организираното планинарење и скијање во Македонија, градењето на првите планинарски објекти, првите тури на Шара и првите спустови на Попова Шапка… Ќе ги прочитаме имињата на луѓето кои заедно започнале да се движат на планина, кои ги организирале првите ски натпревари, првиот Шарпланински куп, првиот Мавровски меморијал… Од 352-те страници во монографијата, ќе добиеме информација за развојот на Попова Шапка и Маврово, за свесноста на сите тогашни чинители, за значењето на планинарењето и скијањето… Ќе научиме дека со желба и ентузијазам, може да се направи нешто што долго ќе трае.
А фотографиите на Гого Попов, направени во периодот од 1929 до 1979 година, тие може само да ги уживате кога ќе поминувате низ страниците на оваа монографија.

Промоцијата ќе биде според следнава програма:

• 19:30 часот – поздравен збор на модераторот, Марко Видачек
• 19:40 часот – обраќање на претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Зоран Читкушев
• 19:50 часот – обраќање на претставникот на Планинарски Клуб „Љуботен“, Горки Качелов
• 20:00 часот – музички настап на групата „Шербет“
• 20:10 часот – обраќање на уредникот и дизајнер на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, Александра Новеска
• 20:20 часот – обраќање на промоторот на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, д-р Бранислав Светозаревиќ – Покорни
• 20:30 часот – обраќање на авторот на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“, Јован Божиноски
• 20:45 часот – изложба и коктел

Оваа настан е отворен за сите љубители на фотографијата, планината, планинарењето, скијањето, уметноста. Да се вратиме во едно време кое носи толку носталгија, бидејќи тоа што тогаш го работеле, го живееле, почувствувале и виделе, речиси е неповторливо. Сите тие креатори на тие вредности заедно, благодарејќи на Гого Попов, тој „црно-бел сведок“, преку неговата црно-бела фотографија, остануваат и ќе траат уште долго после нас.

6 јуни 2024 година – четврток, Музеј на Македонската Борба – Скопје, 19:30 часот 

Претходен написи
Релизирано шестото издание на Охрид Ултра-Треил
Следен напис
Промотивна акција дел од секција I3 Македонската бесконечна трансверзала