Планинарењето и алпинизмот значително се популаризираа во последните децении како омилена активност за многу авантуристи ширум светот, а со својата местоположба, традиција и инфраструктура, Алпите се најпосетениот планински масив во светски рамки. Меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваат Алпите денес се енормниот пораст на посетители во високопланинските зони, како и климатските промени што имаат длабоко влијание врз овие иконски планини. Климатските промени драстично ги менуваат условите на планината и истовремено влијаат на безбедноста на планинарите. Во прилог се прикажани дел од начините на кои климатските промени влијаат и го трансформираат планинарењето на Алпите.
Менување на условите на рутите и насоките
Еден од најзначајните ефекти на глобалното затоплување врз планинарењето и алпинизмот на Алпите е менувањето на условите на рутите и насоките. Со континуираниот пораст на температурите особено од средината на 20-тиот век до денес, глечерите се повлекуваат со алармантна брзина, што доведува до менување на многу од рутите за искачување. Проценките од стручните анализи и истражувања се дека глечерите на Алпите загубиле близу 50% од својот волумен во последните 100 години, со особено засилување на овој тренд од 1980-тите до денес. Дел од рутите кои некогаш биле покриени со снег и мраз сега се голи карпи со нестабилни блокови, додека пак многу од глечерите со намалувањето на својот волумен се “пресечени“ со бројни и масивни глечерски пукнатини. Планинарите често се принудени да избираат алтернативни, потенцијално поризични патеки на движење. Последните години количината на снег во зимските и пролетните месеци е намалена, додека пак температурите во текот на летото се искачуваат до незапамтени граници, па така летото 2022-ра година беше најтоплото на Алпите откако воопшто се следат температурите (на највисоката мерна станица, домот Маргарита на 4554 мнв, дневната температура достигна 6.7°C, а во текот на ноќта едвај се спушти под нулата -0.4°C). На многу од глечерските рути денес најчесто се оди порано во сезоната, со цел да се избегне високиот ризик и енормно распуканите глечери подоцна во текот на летото. Некои пак алпинистички класики што пред 50-тина години се искачувале во летните месеци, како што се северните стени на Матерхорн или Ајгер, денес се поретко нудат услови за качување.
На 03.07.2022 година, како резултат на константно високите температури дојде до колапс на масивен дел од глечер на Мармолада (3343 мнв) во Италија, со близу 100.000 m3 мразна маса што зафати голем број планинари кои во тој момент го искачувале врвот. Тоа резултира со 11 мртви и 8 повредени планинари, што е најголема трагедија на Алпите во последните децении, а директно е резултат на зголемените објективни ризици поврзани со глобалното затоплување и климатски промени.
Зголемен ризик од карпести одрони
Топењето на глечерите и особено пермафростот на Алпите предизвикува зголемување на ризикот од различни типови на карпести одрони. Ниските температури и пермафростот ги соединуваат и ја одржуваат стабилноста на карпестите структури, а со порастот на температурите и поместувањето на точката на мрзнење овие лабави карпи лесно се одронуваат надолу по планинските страни под дејство на гравитацијата. Непредвидливоста на карпестите одрони може да ги направи планинарските рути значително поопасни и предизвикувачки за планинарите. Само во последните неколку години како резултат на високите температури и зголемените карпести одрони во текот на летото периодично беа затворени за планинари дел од најпопуларните планинарски рути. Класичната рута до врвот Мон Блан (4810 мнв) преку домот Де Гуте, која важи за една од најпосетените и носи значаен приход за локалниот планински туризам, беше целосно затворена од 22 јули до 05 август 2022-ра година поради висока опасност од одрони особено во големиот кулоар т.н. “Кулоар на смртта“.
Влијанието врз планинарските домови и инфраструктурата
Климатските промени влијаат и на одржувањето и безбедноста на планинарската инфраструктура на Алпите. Планинарските домови или мали бивак-засолништа, кои се суштински ресурс за планинарите, почесто се изложени на ризик поради ерозија, пад на карпи или менување на конфигурацијата на теренот. Дополнително, патеките што водат до планинарските домови забрзано се менуваат, правејќи го пристапот потежок и потенцијално опасен. Некои помали бивак-засолништа во изминатите години беа сериозно оштетени или целосно уништени, каков што е случајот со бивакот “Alberico-Borgna“ на Монбланскиот масив што беше уништен од одрон во август 2022-ра година, додека пак дел домовите претрпеа делумна штета и санации со цел да можат и понатаму да ги опслужуваат планинарите (како домот Карел од италијанската страна на Матерхорн, домот Торино на масивот Мон Блан и други).
Метеоролошки фактори и промени
Климатските промени може да доведат до понепредвидливи и екстремни временски услови на Алпите. Метеорологијата на планините е секако доста покомплексна и понепредвидлива, меѓутоа со климатски промени вообичаените метеоролошки трендови за одредено подрачје се менуваат и планинарите почесто може да се соочат со ненадејни бури, обилни врнежи или невообичаено високи температури, појави кои го прават планинарењето поопасно. Овие променети услови исто така можат да го зголемат ризикот од лавини во одредени области.
Подготовка и адаптација на промените
Планинарите и алпинистите се принудени да се прилагодат на овие промени со постојано информирање за тековните услови на насоките и временската прогноза. Правилната подготовка, вклучувајќи носење соодветна опрема и разбирање на потенцијалните ризици, е од суштинска важност за безбедноста во планинарскиот спорт. Во одредени случаи, планинарите треба да ги прилагодат своите планови, избирајќи различни рути или одложувајќи ги искачувањата за да избегнат опасни услови.
Значењето на одржливоста како врвен приоритет
За да се зачуваат Алпите и воопшто планините за идните генерации, планинарите и планинската заедница треба да дадат приоритет на одржливоста. Ова вклучува минимизирање на влијанието на секој поединец врз животната средина преку практикување принципи на “Leave No Trace”, како и со поддршка на напорите за зачувување на животната средина и иницијативи што ги адресираат климатските промени. Само со посветена и заедничка работа на целокупната планинарска заедница може да се даде одреден придонес, иако климатските промени се глобален проблем што го засегаат целото човештво и нашата планета.
mountainguide.mk