Реконструкција на кулата на Титов Врв

Вести

Aрхитектонското студио Суперблок, како дел од групацијата Smart Living, во моментов работи на проект од исклучителна важност што ги надминува традиционалните граници на архитектурата и урбаниот дизајн. Станува збор за иницијатива која преминува во сферата на интердисциплинарен ангажман со меѓудржавна и надворешнополитичка релевантност, претставувајќи платформа за соработка, размена на знаења и културна дипломатија.

Проектот насловен „Планинарска куќа на Титов Врв“, всушност е многу повеќе од објект – тој е симбол на пријателство, колективно помнење и споделено учење. Преку него се отвора простор за дијалог меѓу различни општествени и институционални актери во Македонија – дијалог што долго време недостасуваше, а сега добива материјална форма преку конкретен архитектонски зафат.

Овој проект е резултат на заедничка визија и тесна соработка помеѓу студиото Суперблок и Амбасадата на Република Австрија во Македонија, предводена од неговата екселенција, амбасадорот Мартин Памер. Заеднички е иницииран овој проект со цел да се обезбеди реставрација, ревитализација и функционално препронаоѓање на Кулата на Титов Врв – највисокиот изграден објект на територијата на државата, поставен во 1955 година, кој денес стои како нем сведок на нашата негрижа и институционална неактивност.

Проектот опфаќа реконструкција и надградба на постојната камена ротонда со дијаметар од 5 метри и висина од речиси 10 метри, при што заедно нашиот тим архитекти ќе бидат вклучени и инженери и логистички тимови од Австрија. Амбасадата на Република Австрија и австриската држава целосно се посветени на оваа иницијатива, обезбедувајќи финансиска и логистичка поддршка, а во моментот водиме директни подготовки со австриската армија за ангажирање на товарни хеликоптери и изработка на функционален хелиодром, кој ќе претставува клучен инфраструктурен елемент за реализација на проектот.

Овој зафат претставува нов тип на културен ангажман во планинските предели, преку кој се отвораат нови можности за развој на планинарски, истражувачки и еко-туристички коридори. Токму Западната трансверзала – дел од пошироката визија за мрежа на планинарски патеки низ Шар Планина – станува маршута со ново значење, каде што Кулата ќе функционира како пункт за одмор, ноќевање и ориентација, но и како архитектонска метафора на македонско-австриското пријателство.

Концептот за обновата произлезе од низа дијалози со амбасадорот Памер и од заедничката заложба да се позиционира Македонија на европската мапа како земја која не само што ги чува своите природни богатства, туку умее да ги вплете во интернационален културен наратив, посветен на одржливост, рурална регенерација и трансгранична соработка.

Филип Конески – марх

Претходен написи
Со патики на планина да или не?