Со патики на планина да или не?

Опрема и Совети

Одговорот е да, но за ограничена намена. Сме виделе “планинари” туристи со чорапи и сандала на Кораб, сме виделе и сред февруари на Кораб хазардери по обични патики за во сала. Стварно имал младиќот многу среќа тој ден. Не знам кој му дозволил, но тоа си е нивно.  Како да ви кажам, можете и боси нагоре.

Деценија наназад за летни денови многу аутдор компании почнаа да продаваат и планинарски ниски чевли или патики како сакате наречете ги. Тие во основа имаат слични својства во делот на стапалото како и високите модели. Тврд вибрам ѓон, стабилно стапало, не се виткаат лесно, засилени странични ѕидови, полесни се од стандардната планинарска чевла, отпорни на вода, делуваат посвежо и не генерираат толку топлина.

Планинарските патики сепак имаат повеќе недостатоци во однос на класичната планинарска чизма. Високите планинарски чизми го заштитуваат горниот дел од стапалото, зглобот од извиткување и други повреди, полесно симнувате надоле, полесно сте заштитени од разни треви и ситни гранки, инсекти, заштита од вода и сите оние работи кои ги има во изобилие во високогорството, а можат да ви прават проблеми. Кога сте високо на планина, проблеми не ви требаат.

Настрана од искусните планинари и планинарски тркачи кои за потребите на брзинско искачување користат засилени крос патики, во стандардното планинарство препорачливо е движење со високи планинаркси чизми.

Планинарските патики се добри и ги препорачуваме, а и ние ги практикуваме за долги пешачења и планини кои немаат стрмен нагиб, сипар , за терен кој покрива шумски појас, ливади и благи врвови и патеки до 2000 метри каде што веќе постои добро маркирана и формирана планинарска патека или макадам пат. Тие се многу корисни и при возење планински велосипеди, каде ќе бидете заштитени од влага и влијанијата на суровиот терен, цврсти се за притисок на педаља и макадам патеки во природата.

Претходен написи
Шерпа водичот Ками Рита се искачи на Монт Еверест по рекорден 28-ми пат
Следен напис
Колку е безбедно жените сами да одат во природа