Попова Шапка сезонава паузираше со скијачката сезона, но фрирајд скијањето функционираше без застој. Шар Планина остана број 1 дестинација за авантуристичко екстремно скијање во Македонија и во југо-источна Европа за странските посетители.
Со цел подобри и побезбедни услуги преку поддршка обезбедена од Швајцарската амбасада и програмата ИМЕ , за операторот Шар аутдорс (SharOutdoors) од Шар Планина и СФ Фрирајд (SF Freeride) од Пелистер набавени се опрема за лавинска безбедност (ербег ранец, трекер за лоцирање, сонда и лопата) и реализирана е обука на сите планински водичи за користење на опремата. Набавувањето на ваквата опрема придонесува до повеќе и побезбедно фрирајд скијање и сноуборд.
Водичите во планина се врвните авторитети и тие ги поставуваат правилата во групата. Ја прават процената за состојбата на снегот, можностите што ги нудат временските прилики, ги определуваат ски зоните и ски линиите што ќе се скијаат тој ден и сето тоа со цел да овозможат одлично искуство и безбедно скијање.
Секој ратрак располага со група од 12 скијачи, придружувани од 2-3 водичи.Лидерот од водичите скија прв и ја тестира патеката, доколку е потребно, алармира за одредени ризици или сигнализира дека групата може да го следи. На крајот од групата се движаат останатите водичи, кои ги следат скијачите туристи и доколку е потребно интервенираат за безбедно да се стигне до крајната цел. Таму ве пречекува ратракот кој ве носи на нова локација, нова падина.