Хотелите треба да се пријават за туристичките ваучери

Вести

Хотелите, апартманите, хостелите ќе треба до крајот на јуни да се регистрираат и категоризираат доколку сакаат да ги користат ваучерите од државата. Тоа треба да го сторат на веб страната на Министерството за економија.

ХОТАМ најавува дека ќе може да се најде ноќевање со доручек за 18 евра, кај хотелски капацитети со четири ѕвездички, а и поевтино кај три ѕвезди хотелите и апартматни од 12 до 15 евра по вечер.

Рестораните и кафичите немаат обврска да се пријавуваат како хотелите или останатите сместувачки капацитети за да може кај нив да се користи платежната картичка. Доволно е тоа што тие се фискализирани и имаат пост терминал за плаќање со картичка.

Околу 120 илјади граѓани веќе се на листите на Владата кои ги исполниле условите и кои ќе добијат ваучер од шест илјади денари за домашен туризам и платежна картичка со три илјади денари за во ресторан или за купување македонски производи во маркетите.

Сместувачките капацитети на кои им е истечена категоризацијата, им е продолжена важноста за два месеци за да може да функционираат додека да помине здравствената криза. На охридската ривиера има 44 категоризирани хотели со околу четири илјади легла, на располагање се и 2.800 приватни објекти за сместување.

Во меѓувреме над 20.000 мејлови со забелешки се пристигнати до Генералниот секретаријат на Владата од граѓани кои ги исполнуваат условите за добивање картичка со 3.000 денари, а не можеле да се најдат на листата корисници на домашната платежна картичка kupuvajdomasno.gov.mk. Голем дел од нив се средношколци и студенти, а властите најавуваат дека секој што ги исполнува условите ќе добие средства.

Според постоечките податоци, домашни картички треба да добијат околу 324.500 граѓани за што се издвоени 28 милиони евра. Нивното доделување започна во петокот преку банките. Досега од банките се изработени околу 50.000 картички, а до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе можат да се користат до 15 август годинава.

Приговорите се поднесуваат на веб-страницата за мерката ако го нема лицето кога ќе го впише матичниот број. Доколку смета дека е во една од трите одредени групи со меил треба да наведе име и презиме и доказ дека треба да влезе во една од трите групи. Податоците на листите се од УЈП, дел од Агенцијата за вработување, од МТСП и дел од МОН добиени преку универзитетите и средните училишта, а дел од ФЗОМ за лекарите кои добиваат награда преку оваа картичка од 40 отсто од основната нето плата.

Нема ниту еден граѓанин или студент или средношколец или кој било доколку е во листата да остане без средства, без финансиска поддршка и без платежна картичка, бидејќи тоа е неселективен, транспарентен процес на воспоставување на јасни услови без постапки за аплицирање, без да треба човечки фактор да одлучува дали некој треба или не треба да е во листата или ги исполнува или не ги исполнува критериумите. Тоа ни го даваат податоците со кои располагаат институциите порача министерката за финансии Нина Ангеловска.

 

Претходен написи
Владата промовира ваучери и македонскиот туризам со фотографии од германски планини
Следен напис
Wizz Air ја продолжува суспензијата на сите летови до 13ти јули