Како најсоодветно да спакувате ранец за планинарење?

Опрема и Совети

За прв пат одите на планинарење и сакате да се подготвите што е можно подобро за турата што ве чека. Веројатно се прашувате како најдобро да се спакувате. Сите можеме да ги ставиме работите во ранците, но кога е во прашање планинарењето, треба да научиме како да спакуваме ефикасно. Добрата организација на просторот во ранецот што го носиме со нас во голема мера го олеснува нашето пешачење. Пред тоа, да видиме каква опрема ни е потребна за планинарење, како и кој ранец е најдобар.

Многумина ќе се запрашаат дали е воопшто потребно да се направи фама за толку едноставна работа како што е пакување ранец. Ако се работи за еднодневна акција на пример летна на Љуботен, навистина нема филозофија. Вметнете што мислите дека е потребно, па дури и ако прескокнете нешто, ништо страшно нема да се случи. Меѓутоа, ако зборуваме за повеќедневна експедиција која се однесува на авантури на голема надморска височина или алпинизам, веќе постои вистинска уметност за адекватно пакување на сè што ви треба, а списокот со тие работи е прилично долг. Во овој текст, ќе се занимаваме со нешто помеѓу прошетка до Титов Врв во јуни и зимско искачување до Мон Блан. Станува збор за правилно пакување на планинарски ранец за повеќедневни планинарски активности кои не се екстремни, но бараат доволно за да треба да се посвети малку внимание на оваа тема.

Ако сте почетник, ќе изберете такви акции/тури, и соодветно на тоа, секој ранец е доволно добар. Меѓутоа, ако планирате редовно да се препуштате на шармот на планинарењето, треба да набавите посоодветен модел. Овде важи старото мото – колку пари, толку музика. Релативно пристоен ранец за планинарење може да се најде релативно евтино, само треба да ги следите попустите на продавниците за опрема или да прошетате до братска Блгариа. За почеток, доволен е ранец за пешачење од 30-50 литри кој има неколку прегради, патенти, гуртни, карабинери и слични помагала кои можат да бидат многу корисни.

Опрема без која не можете да планинарите

Без разлика дали одите со пријателите да ја проучувате природата на еднодневна тура или да одите на планина на неколку дена, постојат работи кои се примарни и без кои не можете да планинарите. Тоа се: соодветен ранец, удобни чевли, мантил, резервна облека и вода за пиење. Другите работи се од второстепено значење.

Изберете што да спакувате

Размислете внимателно за тоа што ќе ви треба, а сепак обидете се да понесете само она што е потребно. Оваа вештина доаѓа со искуство и години планинарење. Колку и да ви изгледа забавно да ракувате со еден куп гаџети и да понесете „половина куќа“ на планина, не заборавајте дека сето тоа треба да го носите на грб. На захтевните акции, ова навистина може да претставува проблем.

Поделете ја опремата во групи

Откако ќе одлучите што ќе носите, наредете сè на подот. Олеснувањето при пакувањето ранец се врши со поделба на опремата по тежина. Исто така е корисно да ја спакувате облеката за преоблекување во кеси за да ги заштитите од вода и / или дожд.

Како да изберете ранец?

Ранецот е еден од најважните ставки и опрема на кои не штедите. Ранецот треба да биде квалитетен и анатомски. Едноставно испробајте го ранецот во продавницата, ставете го на грб и одете со него за да видите дали одговара на вашата градба и држење на телото. Исто така, изборот на ранец зависи од видот на пешачење и од тоа дали одите на еднодневно или повеќедневно патување.

Кој ранец е најдобар?

Ако станува збор за краток престој на планина, само за неколку часа, погоден е спортски ранец од околу 15 до 20 литри. Ако станува збор за еднодневно патување или неколку дена планинарење, потребен е ранец од 35 до 50 литри. Овој ранец може да носи повеќе работи, како во однос на обемот, така и по тежината. Задниот дел на ранецот е доволно тврд за да не се деформира од опремата, а во исто време, делот околу ‘рбетот е доволно мек за да не влијае лошо на грбот.

Овие ранци имаат појас кој е многу важен за олеснување на ‘рбетот кога се зголемува спакуваната тежина. Ремените на овие ранци служат за подесување и прилагодување на ранецот на вашите физички карактеристики. Овие ранци имаат внатрешни и надворешни џебови кои се многу корисни за чување на предмети што треба да ги имаме при рака.

Основни правила за пакување ранец за планинарење

Ранецот се пакува со тоа што прво ќе направите список на работи што ќе ги носите. Ги групираме сите овие работи на подот за да имаме јасен преглед на тоа што точно пакуваме. Основната точка на пакувањето е да се стават потешки предмети по должината на самиот грб и поблиску до колковите. Ова обезбедува подобра рамнотежа на телото додека се движиме.

Обемни и лесни работи, како вреќа за спиење, се ставаат на дното на ранецот. На врвот на ранецот пакуваме лесни работи, како дополнителна облека или мантил за дожд/кабаница. На самиот врв, во „капачето“ на ранецот, ставаме работи што ќе ни требаат при движење и до кои ќе можеме брзо да дојдеме, како што се мапи, очила, челна ламба, мобилен телефон, аптеката, итн. Џебовите на ранецот може да бидат со мрежа или да се затворат со патент. Од тоа зависи што може да ставиме во џебовите, но генерално е место резервирано за вода, чоколади, овошје, и ако се затвори, можете да ставите и челна ламба, прибор за јадење…

Спакувајте ги работите по тежина – од најтешките до најлесните

Бидете сигурни дека вашата тежина е добро избалансирана. Најтешките работи се спакувани долж грбот, бидејќи тежината се пренесува на колковите и се постигнува добра рамнотежа. Потоа се спакувани средно-тешки предмети, а нивното место најмногу зависи од видот и квалитетот на ранецот. Ова првенствено се однесува на бројот и положбата на партициите. Најлесните работи, како и конзервираната храна се спакувани на врвот на ранецот.

Тежиштето нека биде на колковите

Тежиштето на ранецот треба да биде на нашите колкови. Подобри ранци имаат ремени што одат преку струкот, како и ремени кои се закопчуваат преку градите и рамената, а сето тоа служи за подобра рамнотежа. Треба да го прилагодиме ременот на ранецот да оди преку колковите и да биде на ниво со папокот. Тежината на ранецот сакаме да ја пренесеме на колковите, затоа што на нозете имаме мускули што можат да издржат најголем товар.

Т.Д

Претходен написи
ПК Македон организира Младинска биолошко-планинарска акција на Осогово
Следен напис
Ранци за турно скијање селекција 2021