Краток историјат за ски центарот Копанки Пелистер

Вести

Како организација настојуваме секогаш да ги споменеме и истакнеме исклучителните работи кои придонеле за долкотраен локален економски развој. Една од тие работи е и изградбата на ски центарот Копанки на Пелистер.

Луѓето градители и создавачи на јавна корист во Македонија се реткост. Тоа што се градело низ минатото со ентузијазмот на поединци и заложба на граѓаните на Битола, денес новите генерации не се способни ниту да го одржуваат, а камоли целата инфраструктура успешно да биде надградена.

Потенцијалот на големата планина на југот е неспорен. Пелистер поседува два ски центри, Копанки и Нижеполе, кои интегрирани во една понуда би ги задоволувалe потребите за туризам од новото време во текот на целата година.

Во прилог краток интересен историјат за тоа како се создавал центарот Копанки.

Ски центарот Копанки на Пелистер прва пат е пуштен во употреба далечната 1975 година по повод денот на ослободувањето на градот Битола, со пуштање во употреба на двосед жичницата од Бегова Чешма близу хотел Молика до просторот кај планинарскиот дом Копанки.

Комплетната изградба е резултат на вољата и желбата на граѓаните од Битола, кои преку референдум за самопридонес на општината Битола, со средства на граѓаните на Битола беше реализиран комплетниот проект и поставена комплетната конструкција од францускиот производител Пома (Помагалски) од Гренобл.

Во истиот период поставен и детскиот ски лифт Пионир кој се наоѓа во потегот од локалитетот 7 Кладенци до почетокот на двосед жичницата кај локалитетот Бегова Чешма. Денес односно повеќе години наназад овој детски лифт е комплетно запоставен.

Транспортот на опремата е реализиран со помош на транспортното претпријатие Транскоп – Битола, додека сите неопходни царински формалности , подготвувањето на документација за увоз било организирано од страна на членовите на скијачкиот клуб Пелистер.

Свечената употреба на двете постројки на 04.11.1975 година , во присуство на голем број гости, претставници на општината и републиката, ги ставил во функција г-дин Љупчо Спирковски член на ски клубот Пелистер и репрезенатиивец во скијање на Македонија.

Во 1985 со помош на големиот број ентузијасти , планинари , граѓани од Битола и жителите од потпелистерските села била оспособена стазата над локалитетот Копанки до месноста Извидница на надморска висина од 1600 – 1800 метри. Во организацијата при набавката и обезбедувањето на средствата за оваа стаза се погрижил тогашниот Самоуправната Интересна Заедница (СИЗ) Детска Заштита при општина Битола, со набавка на комплетна конструкција и постројка за ски лифт на тој потег. Инвестиција била набавена од словенскиот производител ,,Лесна,, Словен Градец.

Копанки сезона 2019/2020

Во текот на истата година за потребите на скијачките патеки бил набавен и нов ратрак за снег. Од 1982 година до 1986 година со центарот стопанисува Рекреативниот Центар – Пелистер – Нижеполе.

Од 1986–2001 година со Копанки стопанисува Детското Одморалиште – Пелистер, под покровителство на Министерството за Труд и Социјала на Република Македонија.

Од 2001 – 2002 година со Ски Центарот Копанки стопанисува Јавното претпријатие Стрежево Битола.

Од 2002 – 2005 година стопанисува приватното претпријатие Барни од Битола како концесионер на планинарскиот дом Копанки и ски стазата.

Од 2005 – 2007 година центарот Копанки е управуван од приватната фирма Грандинг Скопје.

Периодот од 2006 година до 2011 година е најтешкиот период за ски центарот Копанки и за граѓаните и вљубениците на Пелистер, кога Копанки воопшто не е ставен во функција.

На почетокот на 2011 година се почуствува потребата некој да застане зад подготовките и негов рестарт кои во текот на летото 2010 и 2011 година во голема мера се остварија со поддршка на АД ЕЛЕМ Скопје и нејзините подружници.

Денес центарот се уште функционира под капата на Електрани на Македонија, но како и долги години пред тоа речиси ништо не е инвестирано освен во одржување на постоечката инфраструктура инсталирана во седумдесетите години.

Претходен написи
Како да ја изберете најсоодветната должина на скиите
Следен напис
Обновени инфо таблите во рамките на НП Галичица
Мени