Кумановецот Африм Исуфи во понеделникот вечерта доживеал опасна средба со мечка на автопатот Тетово-Скопје, од која успеал да излезе жив и неповреден по 30-минутна драма, објави порталот на албански јазик Open-TV.
Исуфи раскажува дека инцидентот се случил на автопатот Тетово-Скопје, во близина на Карпалак, нешто пред полноќ.
„Доаѓав од Гостивар, одев дома во Куманово. Неколку километри откако ја поминав првата наплатна рампа во Тетово, возев со нормална брзина, наеднаш мојот автомобил „Голф 5“ удри во нешто напред, од десната страна. Потоа, мојот автомобил лебдеше во воздух и по неколку метри падна на земја. Некако успеав да ја застанам колата на сред автопат и гледам како од неа излегува пареа. Отпрвин помислив дека мора да е некоја дива свиња, бидејќи беше нешто многу моќно. Излегов од автомобилот и гледам големо животно како доаѓа во мојот правец. Беше страшно и ништо не се гледаше. Се исплашив и влегов во автомобилот, кој беше тешко оштетен“, раскажува Исуфи.
„Животното се приближи до мојот автомобил, а кога го видов, тоа беше мечка. Почна да удира силно – од нејзините тупаници, верувајте, колата се тресеше. Не помина многу време, мечката падна на земја. Кога ја видов како паѓа, излегов од автомобилот и ги видов нејзините повреди од судирот. Таа повторно стана и јас пак влегов внатре, тоа траеше 30 минути. Тогаш мечката повторно падна на земја и повеќе не стана, а јас бев спасен“, вели кумановецот, кој потоа се сликал со угинатото животно.
Тој вели дека на местото на настанот излегла и полицијата, на која ѝ дал изјава, Африми вели дека има горчливи искуства со мечките – ова е третпат како доаѓа во близок контакт со нив, а еднаш се случило во 2001 година, кога тој бил војник во редовите на ОВК.