Викендов на 69-годишна возраст ненадејно почина Иван Лесевски, доајен на Македонското алпско скијање.
Лесевски ќе биде запаметен како еден од најголемите скијачки работници во Македонија, од периодот на поранешна Југославија, но и по осамостојувањето. Носител на најголемите функции, селекторски и тренерски, беше организатор на најголемите скијачки настани во Македонија.
Роден на 11 јануари 1954 година. Дипломирал на Факултетот за физичко образование во Скопје. Со повеќе од 40 години активно работење, целиот свој живот го посвети на скијањето и ги оствари најдобрите резултати во историјата на овој спорт за Македонија.
Во својата долгогодишна кариера, Лесевски беше тренер на јуниорската репрезентација на Југославија, тренер во ски клубот „Работнички“, тренер на македонската скијачка репрезентација, член на раководните структури на Скијачка федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје, како и организатор на голем број на спортски настани.
За својата работа, делување и успешност, добитник е на многубројни награди: Тренер на годината на град Скопје 2014 година, после остварените успеси на Зимски олимписки игри 2014 во Сочи, 2 пати се закитил со наградата „13 Ноември“ за најдобар тренер, а во 2019 година се стекнува со Награда за животно дело.
Лесевски до последен ден активно работеше и придонесуваше за развојот на скијачките спортови во Македонија.