Членови на планинарскиот клуб „Аргентус Моунт“ од Тетово во рамки на програмските активности периодов извршија четири акции за маркирање односно обележување на старата планинарска патека „Планиница“ која од градот преку ридот Балтепе и Лавце води се до месноста „Црвен камен“ на 1850 метри надморска височина. Засега е извршена маркација во рамки на четири акции од 830 до 1533 метри надморска височина.
Стартната позиција на оваа патека е во стариот дел од Тетово односно паркот пред населбата Два бреста на 478 метри надморска височина. Од таму преку ридот Балтепе и Калето се оди кон селото Лавце, па се оди до „Црвен камен“на Шар Планина.
Со оваа акција е извршено маркирање од Кота 830 мнв излез од с. Лавце до Кота 1533 мнв во должина од 4.5 кмПоставени се: – 16 Кнафелцови ознаки (на камења и дрва), 30 земни лентовни ознаки (на камења) и 110 појсани лентовни ознаки (на дрва). Маркирањето е извршено согласно Законот за планински патеки,Правилникот од Министерството за животна средина и просторно планирање и Прирачникот за маркации од Федерацијата за планинарство во Северна Македонија, изјави Зија Јонузовски, секретар во ПК „Аргентус Моунт. Акцијата ја реализирале тројца лиценцирани планинарски водичи од кои двајца и лиценцирани маркацисти: Зија Јонузоски, Звонко Алексоски и Тони Јованоски сите од ПК „Аргентус моунт“ Тетово.
Во иднина се планира уште три километри маркација до 1830 метри надморска височина до „Црвен камен“. Оваа патека е можност да се оди потоа до други месности и врвови како Дупнат Камен, Брза вода,Врчик, Плоча, Брезјански куле,Куљи баба,Сува дупка и Црн врв, вели Јонузовски. Планинарска патека „Планиница“до 1850 мнв спаѓа во категорија А2 односно планинарење по тешки патеки во летни услови, класа 3 средно тешка патека која бара добра здравствена и добра физичка кондиција.