Планините во лоши временски услови , невреме и громови како да се заштитиме

Лошите временски услови најчесто се поврзани со појава на грмежи, електрични празнења, поројни врнежи, а понекогаш и град и силни удари на ветер.
Грмежни непогоди се јавуваат во облаци од типот на кумулонимбус, а во еден облак може да постојат и повеќе т.н. грмежни ќелии.
Со грмежните непогоди се сврзани електричните празнења односно појавата на молња во чија патека се јавува интензивно загревање и ширење на воздухот, што резултира со појава на звучен ефект-гром. Молњите и громовите се сигурен знак дека во областа има добро развиен кумулонимбус.
Секое невреме е проследено со молњи и громови поминува низ фази на раст, созревање и делење. Таквото невреме може да трае од 45 минути до 12 часа. Грмежните непогоди се почести во планините, отколку во рамнините.

Не е возможно да се предвиди точно каде ќе удри молњата, но може да се знае каде е поверојатно да удри. Молњи удираат во најиспакнатите и заострени форми на рељефот, остри врвови, карпи и рабови, метални делови од опремата, металните сајли, осамени дрва и др. Од дрвјата најчесто молњите удираат во дабовите, а најретко во буки. Предвесник на молњите и громовите е искрењето, често проследено со звук на рабовите од металните делови од опремата, сајлите, антените и др. Тоа е знак дека атмосферата е многу наелектризирана.


ОД ОВА МОЖЕ ДА СЕ ФОРМУЛИРААТ НЕКОИ ОПШТИ ПРАВИЛА ЗА ЗАШТИТА ОД МОЛЊИ:
-избегнувајте движење по гребени и рабови. Преминувањето на големи отворени простори исто така го зголемува ризикот;
-да се избегнува престојот под осамени дрвја;
-при користење на природни засолништа (карпести ниши) да се седи на растојание од карпите, особено ако се мокри;
-да се избегнуваат билните делови на планините;
-не поминувајте преку врвови или голи места на височина, држете се подалеку од големи метални предмети, далноводи, реки и водни базени;
-ако сте на гребен, напуштете го што е можно најбрзо, не занемарувајќи ја безбедноста на движењето;
-движете се на растојание еден од друг (неколку метри), а не во група.
АКО ПРОЦЕНИТЕ ДЕКА Е ПОДОБРО ДА ГО ПОЧЕКАТЕ КРАЈОТ НА НЕВРЕМЕТО:
-застанете на релативно безбедно место (не на гребен или друга испакната форма на релјеф);
-избегнувајте осамени дрвја, објекти кои не се заштитени со громобрани, извори или водни базени;
-држете се на растојание од карпата кога барате засолниште;
-оставете поголеми метални предмети најмалку десет метри подалеку од вас;
-почекајте во седечка положба (на ранец или друга изолациона подлога) со споени стапала, а колената покриени со рацете.

Една од најважните работи што треба да ги правиме кога се движиме кон високо е да бидеме добро информирани за временската прогноза!

Бобан Стојанов, инструктор по алпинизам Алпинистички клуб Астрајон

Претходен написи
Македонија во топ 10 планински земји
Следен напис
Проект „10 ПЛАНИНАРСКИ ВОДИЧИ ЖЕНИ“