Сè е подготвено за 41-от Шарпланински куп – Снежен спектакл што го одбележува духот на скијачкиот спорт во Македонија!
По пауза од 12 години, Попова Шапка повторно ќе биде домаќин на најстариот меѓународен скијачки натпревар на Балканот. Овој од минатото престижен натпревар својата приказна ја започна во далечната 1947 година, а од 1954 официјално стана дел од календарот на FIS. Шарпланинскиот куп е синоним за храброст, брзина и прецизност, носејќи ја магијата на алпското скијање во Македонија.
На овогодинешното издание, кое се одржува на 26 и 27 февруари, ќе учествуваат натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Грција, Косово и Кипар. Снежните падини на Попова Шапка ќе бидат центар на возбудливи натпревари, еуфорија и неочекувани пресврти – токму она што го прави алпското скијање спорт на вистинските шампиони.
Организатор на настанот е Скијачката федерација на Македонија, со поддршка на Меѓународната скијачка федерација (FIS), Министерството за спорт, ски-центарот Попова Шапка, УНИ Банка, ПСС, МРТВ и Вертиго.
Бидете дел од историјата, придонесете со свое присуство, следете го 41-от Шарпланински куп!


