Независната угостителска комора бара, преку дијалог со надлежните институции, да се носат одлуки и решенија што ќе им овозможат да работат и да ги намалат загубите предизвикани од пандемијата. Според проценките угостителите ќе ја завршат годината едвај со третина од приходите, а неизбежна ќе биде и рационализација на вработените.
Според Златко Јосифовски, претседател на Комората, угостителите не можат да ги покријат ниту основните трошоци со приходите што ќе ги остварат годинава, а доколку не се изнајде начин да се надминат проблемите, поголем дел нема да ја преживеат зимата.
„Имаме податоци дека во Македонија се регистрирани 6.500 субјекти кои вршат угостителска дејност со околу 35.000 директно вработени и целокупниот приход што го остваруваат во изминатите години достигнува до 850 милиони евра, од кои над 100 милиони завршуваат во државната каса за даноци и 45 милиони за придонеси за вработени. Оваа година едвај ќе завршат со третина приходи, што ни од далеку не можат да ги покријат основните трошоци.“, нагласи Јосифовски.
„Се настојува секој вработен да се задржи, но треба да се сфати дека економската исплатливост на бројот на вработени и начинот на кој се работи досега не е ист како во минатото. Ние не ги викаме отпуштања, туку рационализација на трошоците кои се неминовни,“ потенцира претседателот на Независната угостителска комора.
Град Скопје отворен за дијалог и соработка
Од Градот ветуваат заедничка соработка, иако, како што велат, и досега презеле мерки со цел да му се помогне на овој сектор.
„Заради времето во кое живееме мора да бидеме во партнерски однос, иако Градот и досега со дел од угостителите има добри релации. Како Град Скопје уште на почетокот на пандемијата ги презедовме основните чекори со цел бизнисот околу кој гравитираат над 30 илјади луѓе во државата, да го помогнеме и да го одржиме во живот, да ги обезбедиме работните места на луѓето кои работат во овој сектор. Само со заеднички, интерактивен однос и усогласување на ставовите и потребите на угостителите од една страна и законските обврски што ги имаат од друга страна, можеме да најдеме соодветни начини како да го помогнеме функционирањето на угостителските објекти,“ изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Раководството на Комората веќе оствари средба и со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој ветил дека Владата ќе вложи максимални напори да ги поддржи и да им помогне на вработените и компаниите од угостителството и туризмот.