Владата на денешната седница одржана попладнево го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија од КОВИД-19, имајќи предвид дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.
Владата ги прифати и препораките на Комисијата во однос на протоколот за безбедносни мерки за ски центрите во Република Македонија за измени во однос на обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 – 2 метри и пред билетарите (како пред жичарите и ски лифтовите), ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.
Низ Европа се уште постои дебата на највисоко ниво па дури настана и искрење меѓудржавно ниво со Германија од една страна и Австрија од друга страна, дали центрите да работат и кој да ја надомести штетата од можните огромни загуби ако се стави клуч на врата. Германската канцеларка Меркел сака скијачките центри во Европа засега да останат затворени поради корона-кризата. Австрија и Швајцарија се бунтуваат, а и Бугарија не е подготвена на такво нешто. Владата и италијанските ски региони на состанок деновиве преговараат дали ќе се отворат скијачките центри за време на претстојните празници, Божик и Нова година.
Австрија и Швајцарија засега ќе работат под полна пареа секако со строги протоколи. Наспроти нив Франција и Германија ќе ги држат центрите затворени но до кога е навистина прашање на време заради можност од губење на какви такви приходи кои би се одлеале кај соседите. Од регионов ќе работат сите ски центри, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, а од денес официјално и македонската влада го потврди т.е одобри функционирањето според протоколи.
Следи не Instagram