ЗИМСКИ ТУРИЗAМ И ИНФЛАЦИЈА – БОГАТИТЕ ЌЕ СКИЈААТ БЕЗ ГУЖВИ

Вести

По две пандемични години, туристичките работници во зимските центри се надеваа на закрепнување. Но, обичните граѓани штедат поради инфлацијата, што не би можело да се каже за гостите со подлабок џеб.

Сите оние кои годинава заработуваат од зимската туристичка сезона се прашуваат дали потрошувачите кои штедат на секој чекор за да ги ублажат последиците од инфлацијата од над десет проценти, повторно ќе го жртвуваат одморот на снегот.

Првите индикации се дека луѓето со нормални примања навистина ќе го направат тоа оваа година. Според некои истражувања, две третини од Германците штедат поради инфлацијата и се воздржуваат од трошоци кои не се апсолутно неопходни.

Краткорочни резервации

Она што досега го известуваат тур-операторите укажува дека бројот на резервации на хотелски соби е во опаѓање. „Севкупно, очекуваме пад од 20 до 25 проценти“, вели Томас Геперт од чадор-асоцијацијата на баварските хотелиери и ресторани.

Додуша, во периодот околу Божиќ и Нова година, капацитетите се добро исполнети, но остатокот од зимата се уште е голема непознаница. Геперт се надева на ефект забележан минатата зима, кога гостите, информирани од ненадејните промени во правилата за пандемијата, резервираа многу краткорочно.

Исклучок, вели, се најскапите аранжмани. Нивната продажба не е намалена. „Проценуваме дека добростоечките не се погодени од инфлација до тој степен што би ги смениле своите навики за зимски одмор“, вели Геперт.

Слични вести доаѓаат и од соседна Швајцарија. Особено луксузните одморалишта таму, како што е Сент Мориц, бележат добар капацитет. „Минатата зима беше добра, а сè укажува на фактот дека и претстојната ќе биде слична“, вели Јан Штајнер од туристичкото здружение Сент Мориц.

Сметките за енергија ја внесуваат заработката

Во Тирол засега се задоволни од бројот на резервации, но размислуваат како и покрај повисоките цени за сместување (од 7 до 15 проценти) да ги покријат зголемените трошоци, особено кога е во прашање енергијата. „Сообраќајот можеби се уште е во ред, но заработката ќе биде значително помала поради зголемените трошоци“, вели Карин Зеилер од компанијата „Тирол Вербунг“ од Инсбрук.

Австриските и баварските скијачки центри веќе подготвија мерки за заштеда за намалување на енормно зголемените сметки за енергија оваа година. Се планира откажување на работата на некои ски-лифтови или намалување на фреквенцијата во периоди со помалку гости. Исто така, на многу места нема да има ноќно скијање под рефлектори.

Сепак, скијачките центри не можат да се откажат од еден „јадач“ на енергија: топови за вештачки снег. „Тоа не ни е луксуз, туку алатка за работа“, велат од здружението на скијачки центри во Австрија.

Истовремено, и годинава се очекува стабилна заработка кај производителите на опрема за зимски спортови. Тие, за разлика од туристичките работници, за време на пандемијата профитираа поради потребата на граѓаните за рекреација на свеж воздух. Иако овогодинешната продажба, особено преку Интернет, е во пад, трговците и производителите сепак очекуваат добри бројки. „Спортовите на отворено сè уште се во тренд“, велат од Здружението на германски спортски продавници.

Претходен написи
Околу Мавровско езеро ќе се гради џамија
Следен напис
Патеките на Копанки ќе ги пегла нов ратрак