Македонски учебник, кој на децата им дава основни информации за населението и за континентите, тврди дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29.305 метри. До сега се учеше дека врвот што го нарекуваат и „покривот на светот“ е висок 8.849 метри.
Пропаднало и Мртво Море, неверојатни 1.400 метри под нивото на земјата, открива нашиов „учебник“.
Како дошло до овие грешки? Поради лош превод.
Монт Еверест навистина е висок 29.305, ама не метри, туку стапки. Преведувачот и уредникот на изданието не виделе дека станува збор за друга мерна единица.
Инаку, ако стапките се претворат во метри, се добива точно 8.849 метри.
А најниската точка во Мртвото Море е 427 метри под нула надморска височина.
На социјалните мрежи врие од коментари за овој гаф. Никој надлежен не се огласил да каже дали и како ќе се исправи оваа груба грешка.