Угоре високо, удолу полно со градежен отпад

Вести

Цевки, платна за изолација, арматури и градежен шут се само дел од неразградливиот отпад кој се наоѓа во коритото на Челевечка река во Демиркаписката клисура како трага од изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица.

Ана Неделкова е ученичка од средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино, која при посетата на клисурата станала свесна колку природата во нејзината непосредна околина е загадена. „Клисурата е белег на нашиот регион, а состојбата во која се наоѓа е загрижувачка. Затоа треба да се преземат мерки за нејзина заштита“ – вели Ана.

Таа и уште 20-тина средношколци од неготинското училиште „Св. Кирил и Методиј“ заедно со членовите на Спортскиот клуб „Клисура“ од Демир Капија во рамки на проектот „Размислуваме зелено, делуваме одговорно“ ќе застапуваат решавање на проблемот со отпадот во Демиркаписката клисура, која е позната не само по својата убавина туку и по повеќе од 100 уникатни алпинистички патеки за искачување.

Професорот Александар Гичовски од истото училиште вели „Јас сум планинар, и како спортски активист ја прифатив иницијативата на Клисура за да им овозможам на учениците да научат нови работи, а во овој случај тоа е алпинизмот и екологијата. Не сите исто се грижиме за природата, и не сите исто се вложуваме за природата затоа се мобилизиравме заедно, за да ја подигнеме свеста за овие убавини“.

„Оваа локација е ставена на светска мапа на качувачки центри, и тука доаѓаат алпинисти од странство Шпанија, Франција … И не можеш да промовираш качувачки центар кој што е загаден. Во опасност се наоѓа целата вегетација и животинскиот свет, а рибата бојник кој е карактеристичен за Челевечка река е сериозно загрозен“ – вели Анела Ставревска Панајотова – љубител на спортското качување.

На еко кампот кој се одржа во Демиркаписката клисура учениците имаа можност да ја искусат клисурата преку спортското качување по високите карпи и на тој начин да се запознаат со убавините и раскошот кој таа го има, но и состојбата во која се наоѓа. Во подножјето одржаа и обуки за лобирање и застапување со цел средношколците да се стекнат со алатки и вештини како да постапуваат и да ги решаваат ваквите проблеми во животната средина.

„Убавините на клисурата досега беа достапни само за луѓето од качувачката заедница. Со оваа активност сакавме и учениците да го доживеат ова скриено природно богатство и колку е значајно тоа да остане неоштетено и да биде здрава средина за сите. Затоа им го приближуваме проблемот и се надевам дека заедно ќе најдеме, решение“ – Стефанија Соколовиќ проектен координатор на „Клисура“.

Сега им претстои кампања, со видеа и фотографии на социјални мрежи, за подигање на свеста за состојбата на терен и потпишување на петиција за заштита на ова парче до скоро, недопрена природа.

„Оваа кампања ќе ни биде од полза бидејќи локацијата се наоѓа на светската мапа на качувачки центри. Како општина сакаме да добиеме поддршка и од централната власт и заеднички да го расчистиме овој тежок градежен отпад. На тој начин клисурата ќе остане вистински украс на регионот“, вели Лазар Петров, градоначалник на Демир Капија.

Преземено од iks.edu.mk

Претходен написи
На Шара се леташе каква е финиш линијата на Sky Race
Следен напис
Македонска скијачка опсада на глечерот Хинтертукс