Наскоро на нашата страница ќе имате можност да следите прецизни временски тековни податоци за 5 микро таргетирани локации односно ски центрите Пелистер, Маврово, Попова Шапка, Крушево и Пониква, преку метеоролошки станици. Станици кои ќе испорачуваат мерна вредност на секои 15 минути. Месецов ќе работиме на нивно поставување и активирање online на веб. Следењето на реални и прецизни податоци е од голема важност за безбедно движење во планина како и за уживање на истата кога скијате, возите точак, кампувате или планинарите.
Дека има голема разлика во температурите од локација до локација е и кратката споредбена анализа која ja направивме деновиве меѓу нашата метео станица, поставена на ски терените на Бистра и станицата на управата за хидро-метеорологија, поставена во Маврови Анови. Разликата во температура е во просек 4-5°C, односно за 4°C (денес за време на објавата на текстот, разликата е 6°C) поладно на терените на 1600 м во однос на Маврово Анови 1250м, секако со постојани разлики и во силината на ветерот и неговиот правец. Срочено во едноставен пример, ако во зима шетате релаксирано на сонце околу мавровското езеро на 5°C температура, горе на терените ќе имате драстично поразлична ситуација со температура околу 0°C . Тоа значи дека џемперот со кој сте шетале треба да го замените со добар изолатор доколку ви текне да се качите горе на терените и секогаш да бидете свесни за природата и предизвиците на планината.