Доколку граѓаните на Македонија ги слушаат советите што доаѓаат од службени лица, но и од лекарите, и решат летниот одмор да го поминат на една од домашните дестинации, хотелиерите и сопствениците на приватно сместување би можеле да сметаат на 50на милиони евра приход, што би надоместиле дел од профитот како алтернатива на странските туристи.
Со оглед на тоа што проценки велат дека загубите во домашниот туристички сектор во 2020 година, како резултат на пандемијата, се бројат во стотици милиони евра, приходот од домашните гости сигурно би значеле многу за туристичките работници, угостителите, локалните трговци, маркетите, рентал сервиси, продавачите на специфична етно храна и пијалоци. Ова зголемено трошење би значело и поголеми приходи на државниот буџет од наплата на ДДВ и други давачки.
Меѓу омилените дестинации за туризам предничат Скопје, Охрид, Битола, а потоа планинските регионите на Маврово, Крушево, Пелистер, Преспа, Пониква Осогово, Берово. Туристите во овие локалитети трошеле најмногу пари, покрај неизбежното сместување и храна, на екскурзии, сувенири, локални производи, домашна храна и ракија.
На глобално ниво, туризмот е веројатно на прво место, кога станува збор за секторите кои во моментот се погодени од пандемијата, така што Европската унија проценува дека би можела да претрпи пад до 70% и дека туризмот како гранка најбавно ќе се опоравува. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) верува дека меѓународниот туризам може да забележи пад на приходите од 50%.
Вкупно 550 милиони евра или 5,5% од бруто домашниот производ (БДП) е проценетата вредност на сите антикризни мерки што ги донесе Владата последните два месеца како одговор на економската криза која настана поради затворањето на целото општество.
Последниот трет пакет антикризни мерки, меѓу другото вклучува платежни картички по 9.000 денари за купување домашни производи за околу 100 илјади граѓани што имаат помали приходи од минималната плата, потоа платежни картички и ваучери по 9.000 денари за домашен туризам со кои се таргетираат исто така околу 100.000 граѓани со приходи под минималната плата, викенд без ДДВ за сите граѓани за купување домашни производи, паричен надомест за сите кои останале без работа во март и април, но и неколку мерки за поддршка на бизнисите како бескаматни кредити од Развојната банка во вредност од 31 милиони евра, уште 25 милиони евра од Буџетот за освојување нови пазари и поголема конкурентност, финансирање на обуки, како и повеќе мерки насочени за поддршка на земјоделството.