Комора за туризам: Агенциите ќе банкротираат владата да ги продолжи мерките за помош

Вести

Туристичките агенции, превозниците и туристичките водичи ќе банкротираат, а вработените ќе останат без работа, ако владата не ги продолжи мерките предвидени за секторот до крајот на годината и не донесе нови мерки, алармираше денеска на прес-конференција Стопанската комора за туризам.

– Ако не се прифатат нашите барања, 5.000 луѓе ќе остаант без работа, а секторот ќе замре и нема да има можност повторно да се активира. За многу од нив е под знак прашалник дали ќе можат да ги хранат своите семејства – рече претседателот на Комората Емил Димитровски.

Комората, веќе подготвила девет предлог мерки кои ги доставила до Министерството за економија.

– Две од мерките се најважни за секторот. Бараме мерката за субвенционирање на платите и придонесите да продолжи до крајот на годината, со тоа што придонесите ќе се покријат со 100 отсто субвенции. Со тоа ќе се помогне на вработените во овој сектор, појасни извршната директорка Биљана Пејоска Ристеска.

Од Комората бараат парите кои агенциите ги добиваат од Фондот за туризам да бидат неповратни, а средствата да се распределуваат според обрт на промет во 2019 година според скалеста структура и со неа да се опфатат и агенциите регистрирани во јануари годинава.

Дополнително  бараат туристичките компании да бидат ослободени од плаќање на ДДВ и аконтативна добивка до краJот на годината, како и одложување на плаќањето на кредитите за една година.

Стопанската комора за туризам предлага измени и во протоколот за патување во автобус со тоа што пополнетоста на автобусот да биде 70 отсто, наместо 50 отсто.

– Семејствата да можат да патуваат на седишта еден до друг. Бараме и важноста на зелениот картон да се продолжи за периодот додека превозниците не превезувале туристи. Тој картон да може да се користи во 2021 година како субвенција – рече Пејоска Ристеска.

Од Комората бараат и лиценцираните туристички водичи да бидат опфатени со посебна мерка за субвенционирање со половина плата.

 

Претходен написи
Колашин 1600 се проширува со нови ски патеки
Следен напис
Планинарските чевли основен дел од опремата
Мени