Дали планините го убиваат вашиот мозок?

Алармантни нови истражувања покажуваат дека разредениот воздух може да ги уништи мозочните клетки и тоа на пониски височини отколку што би помислиле. Како да се заштитите?

Д-р Николс Фајед, неврорадиолог во клиниката Квирн де Сарагоса, во северна Шпанија, во едно свое истражување покажа колекција на слики од скенирања на мозокот со магнетна резонанца, направени на аматери и професионални планинари, откако ќе се вратат од големи експедиции и резултатите не се баш добри. На овие слики јасно се гледа атрофија на фронталните лобуси. Фронталниот кортекс, регионот веднаш зад челото што се справува со ментални функции на повисоко ниво, личи на парче суво овошје. Овој вид на штета може да ги остави пациентите со нарушена способност да планираат, да фокусираат и донесуваат сложени одлуки. И тоа е трајно. На скеновите на осуммина алпинисти кои биле донесени во 1998 година, веднаш по искачувањто на Аконкагва во Аргентина со своите 6900 метри, јасно се гледаат кортикална атрофија и субкортикална лезија, продолжува Фајед.

Фајед е меѓународно признат научник кој проучува абнормалности и оштетувања во мозокот предизвикани од разни здравствени нарушувања. Од 1992 година, тој и неговите колеги, неврологот д-р Педро Модрего и неврорадиолог д-р Хумберто Моралес, собираат скенови на 35 алпинисти кои се враќаат од врвови како Аконкагва, Еверест, Килиманџаро и Мон Блан. Скеновите даваат досега најјасна слика за тоа што се случува со мозокот на големи надморски височини, и фер е да се каже дека резултатите нема да ве натераат да сакате да тргнете кон Еверест. Но, добра вест за повеќето алпинисти е дека студиите на Фајед исто така сугерираат дека соодветната аклиматизација може да го намали ризикот од оштетување на мозокот во голема мера.

Научниците веќе долго време знаат дека мозокот може да биде повреден од екстремни состојби, како што е церебралниот едем на голема надморска височина (HACE), во кој крвните садови истекуваат течност во околното ткиво, предизвикувајќи мозокот да отече и да се притисне од ѕидот на черепот. Но, скеновите на Фајед се првите што укажуваат на тоа дека оштетувањето на мозокот може да се појави дури и кај луѓе кои немале никакви симптоми на висинска болест за време на нивните искачувања, или имале само вообичаено гадење и летаргија познати на секој планинар. Вознемирувачки е што ова се случува и на алпинистите кои не одат многу повисоко од 4500 метри.

На пример, на Мон Блан, на 4800 метри, седум планинари во 1998 година стигнуваат до врвот без да доживеат никакви симптоми на висинска болест. Кога се снимат неколку дена подоцна, тројца покажуваат големи абнормалности. Двајца покажуваат проширување на Вирхоу-Робин просторите (VR) на нивните мозоци, празнини во мозокот околу крвните садови. Зголемените VR простори се наоѓаат кај постари лица и кај луѓе со Алцхајмерова болест, но вообичаено не се појавуваат кај луѓе во дваесеттите и триесеттите години. Еден планинар имал кортикална атрофија постојана загуба на сивата материја и други проблеми, а другиот има субкортикална лезија, оштетување на мрежата на нервните патеки во белата материја, што може да предизвика голем број на сериозни проблеми.

Слични ефекти се забележани и на Аконкагва. Повеќето од осумтемина алпинисти не се искачиле над 6400 метри, додека еден достигнал само 5400 метри. Сепак, ниту едно скенирање не било нормално. Четворица од алпинистите претрпуваат повеќекратни субкортикални лезии, седум имаат широка распространетост на нивните VR-простори и сите покажуваат знаци на кортикална атрофија иако половина од тимот не покажуваше симптоми на висинска болест за време на искачувањето.

Ризиците од екстремни надморски височини се јасни. Неколку студии покажуваат дека алпинистите кои поминуваат години на Хималаите без дополнителен кислород, честопати имаат проблеми што можат да се видат на магнетна резонанца. Но, ефектите од умерена надморска височина се многу позачудувачки.

„Лесно е да се разбере болеста на 7000 метри“, вели д-р Џани Лосано, директор на Институтот „Анџело Мосо“, една од водечките светски лаборатории за истражување на височина, лоцирани на Алпите во близина на Торино, Италија. „Но, на Мон Блан?

Имено, резултатите од студијата на Фајд навестуваат дека оштетувањето на мозокот од искачување на височина може да се намали или дури и да се отстрани преку соодветна аклиматизација, нешто што аматерите честопати не го прават. На аматерскиот тим на Мон Блан му беа потребни само два дена да се искачи на околу 2500 метри до врвот, а половина од тимот покажа јасни знаци на оштетување кога се скенираат неколку дена подоцна. На аматерите на Аконкагва им требаа шест дена аклиматизирање за искачување на 2700 метри (наспроти двете до три недели што ги прават комерцијалните тимови), и секое скенирање на мозокот покажува проблеми. Второто скенирање три години подоцна не покажува подобрување. Севкупно, пет од 23-те аматери што учествувале во истражувањата имале неповратни субкортикални лезии како најсериозна повреда на мозокот што ја нашол тимот. Ниту еден од 12-те професионалци ја немал.

Професионалците не се биохемиски подобри и нивната крв покажува слични нивоа на црвени крвни зрнца кои носат кислород, но се чини дека тие се аклиматизираат подобро преку соодветна техника, избегнувајќи ги аматерските грешки кои го стресуваат организмот. Она што сè уште е нејасно е колку високо треба да одите или колку брзо, пред вашите неврони да започнат со масовно изумирање. Најголем ризик лежи над 4500 метри, но нема причина да не се претпостави дека тоа може да се случи и пониско.

Исто така, колку сте постари, толку станувате поподложни на ефектите од хипоксија на голема височина. Според најновата студија на Фајед, објавена на Интернет минатиот мај во списанието „Невролошки истражувања“, ризиците од висинска болест и потенцијално оштетување на мозокот растат со возраста, и алпинисти во доцните триесетти и раните четириесетти, имаат повеќе шанси за оштетување на мозокот од алпинистите во нивните доцните дваесетти и раните триесетти години.

„Нашата цел не е да убедуваме никого да престане да се качува. Туку да ги натераме луѓето да бидат свесни за опасностите и потребата правилно да се аклиматизираат“ – вели Фајед.

Алпинистите секогаш бараат надворешни знаци за предупредување дека треба да се вратат: лошо време или нестабилен снег. Сега е јасно дека висинската болест е внатрешно предупредување што треба да се третира со истата почит.

Претходен написи
Крупни чекори за Dominik Paris во Zermatt
Следен напис
Девојки до каде сме со ски модата?