Како што ни е веќе познато, временските услови на планините секогаш можат да изненадат. Тоа секако е најизразено во зимскиот период, кога од пријатен сончев ден низ скијачките терени и планинските предели многу брзо може да се најдете во непријатна ситуација и временските услови проследени со снежна виулица, ниски облаци, магла итн.
Од наше лично искуство сме осетиле непријатни моменти кога маглата е толку густа што го губиме тотално ориентирот на терените, секако во зависност од локацијата на која се наоѓате, но ниту една ситуација не е за потценување. Така доколку сте во делови како Церипашина и околните врвови на Шара или пак ски патеките на Галички и Белички лифт на Маврово, комбинацијата од снежно белило, тишина и густа магла или ниски облаци водат до “слепило” на моменти каде што немаме никаков ориентир доколку сте подалеку од ски-лифтовите. Маглата, ветерот и снегот можат лесно да ве дезориентираат и доколку сте пеш низ планинските предели за кратко време и трагите кој сте ги оставале зад себе можат да бидат прекриени со снег. Кај нас на нашите планини поризични региони доколку скијате се Попова Шапка, Маврово и Кожув во нивните горни делови, каде што пределот е гол, прекриен само со снег и многу потешко се ориентирате во околината.
Неколку совети:
Најважно е да останете присебни, не паничете, во зависност од условите и можностите почекајте кратко можеби маглата или ниските облаци ќе се расчистат брзо. Навратете се и размислете по која траекторија сте скијале, колку време вообичаено се пуштате по истата патека и обидете се да се лоцирате каде би требало да бидете.
Една од најлесните опции е дигитална GPS мапа од вашиот смарт телефон. Пример со FATMAP можете лесно да се ориентирате каде се лифтовите и да ги следите нив до безбедна зона.
Доколку сте пеш следете ја внимателно трагата по која сте дошле, ако сте во близина на ски патеки секако обидете се, да се ориентирате со помош на жичниците или ски-лифтовите. Доколку не ги гледате ски лифтовите, обидете се да ги наслушнете по нивниот звук кој на моменти тешко се приметува заради нивната тивка работа. Обидете се да ги контактирате службите на ски центрите, дежурно лице од планинарскиот дом или пријатели.
Доколку сте на планинарење посебно во зима користењето на ГПС навигациски уреди станува задолжителна опрема заедно со планински (топографски) карти и компасот.
Ако сте опремени добро, поставување привремен камп, бивак со цел да се затскриете од невремето е најдобра варијанта со цел да избегнете и покомплексни ситуации. Доколку не поседувате шатор и друга камп опрема или пак сте на скијање по диви и не регулирани предели, најдете одредено засолниште, покрај карпи или правејќи дупка (бивак) во снегот каде би се заштитиле од силен ветар и полесно би ја зачувале топлината во себе.
Практикувајте да бидете во група, не се одалечувајте премногу од групата, најавете го вашето присуство на планина или доколку скијате на необележани патеки известете ги блиските, каде, во кој правец и реон ќе скијате.
Следете ги маркираните патеки, користете проверени ски патеки и снежни падини посебно кога одите на нови места, нови ски центри во непознато опкружување. Секогаш пред да тргнете некаде, следете и проверете ја временската прогноза.
И секако за крај, колку сте подобро опремени толку полесно ќе се соочите со секое изненадување на планина, но едноставно морате да ја почитувате планината, доколку скијате да бидете прилагодени на условите на ски патеките и никогаш не ја потценувајте ситуацијата во која се наоѓате.