За безбедна посета на планините во зимски услови бидете подготвени и одговорни

Опрема и Совети

За безбедна посета на планините во зимски услови бидете подготвени и одговорни, следете ги препораките на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија или планинарските клубови кои ги приложуваме во продолжение. Колку што посетата на планините во зимскиот период може да донесе радост и убави моменти, толку може да биде и опасна посебно ако сте неподготвени и неодговорни.

– Во зима не одете сами низ планините
– Подгответе се за ниски температури, пократок ден и дневна светлина, помал број луѓе низ планините, опасности од лизгање.
– За зимска акција потребни се добри зимски чевли, заштитна јакна од ветар и студ, топла долна облека, заштита од сонце, резервна облека, доволно топли течности и храна.
– Почитувајте го правилото (кое не важи за акции со планинарски водичи): никогаш не одите по патеки и кон врвови по кои не сте оделе во суви услови. Во текот на зимата околината е променета, патеките и маркациите се покриени со снег.
– Задолжително проверете ја временската прогноза и амбиентот на локалните веб камери за планината низ која ќе се движите.
– Известете ги своите блиски за текот на вашата планинарска тура и насока кон која би движеле

Употребата на дерези и цепини во зимски услови е задолжителна. Градските дерези кои се наменети за движење по замрзнати тротоари и патишта не се соодветна опрема за планинарски акции. На планинарските чизми треба да ставите дерези со 12 забци.

Нека не ве заведуваат убавите фотографии на социјалните мрежи и на интернет. Тие што ги поставиле можеби имаат повеќе искуство и кондиција од вас. Добро подгответе се за секоја акција и приберете што повеќе информации за планираната тура.Препораки:
– Зачленете се во планинарско друштво, под водство на искусни планинарски водичи ќе се здобиете со основно знаење за побезбедно движење низ планините.
– Прочитајте повеќе информации за безбедно движење низ планини.
– Задолжително информирајте се за временските прилики и проверете ги локалните веб камери.
– Информирајте се за состојбата на планинарската патека по која планирате да се движите во вашето планинарско друштво.

Сите посетители на планините да ги почитуваат правилата, бидејќи движењето низ
планина со несоодветна облека и опрема во зимски период е опасно и ги става во ризик сите оние околу вас како и потенцијалните спасувачки екипи.

Претходен написи
Ориентација при лоши временски услови
Следен напис
Каква опрема е потребна за турно скијање