Назад кон вести

Балканот во Македонија доби највисока трансверзала низ гребените на Шара и Кораб

Anhoch

Асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала – Самиана ја објави жестоката Z2 секција, наречена Балканска Небесна Трансверзала или Balkan Skyline Trail.

Со должина од 202 километри и просечна надморска висина од 2.030 метри, ова е највисока планинарска трансверзала на Балканот и една од највисоките во Европа. Трасата минува по гребените на Шара и масивот Кораб – двата македонски колоси кои се уште се недоволно познати во меѓународната планинарска заедница.

Трасата минува низ планински свет кој Европа сè помалку може да го понуди – ненаселен, незагаден, изолиран. Алпски пасишта над 2.000 метри, леднички езера во каменити циркови, гребени кои не спуштаат туку продолжуваат кон хоризонтот. Шар Планина и Кораб се недоволно познати кај меѓународната планинарска јавност, а со Balkan Skyline Trail, тоа се менува. Делот низ Кораб е оценет како екстремен и не е препорачлив за планинари без искуство на технички алпски терен. Рута која бара подготовка, искуство и почит кон планината.

Balkan Skyline Trail е осма јавно достапна секција на Самиана – Македонската Бесконечна Трансверзала, долгометражна планинарска рута која со своите 2070 километри во целост ќе ги поврзе речиси сите македонски планини. Проектот го развива и одржува Асоцијацијата на волонтери-планинари кои веќе неколку години наназад ја оформуваат, мапираат и обележуваат трасата. Со објавувањето на ова секција, Македонија добива уште еден аргумент да стане сериозна светска планинарска дестинација.

Оваа нова Z2 секција е дел од западното крило, додека источното крило – седум секции низ централна и источна Македонија е комплетно завршено и документирано со GPS записи и во голем обем со маркации на терен. Меѓународниот интерес веќе е реален: странски планинари доаѓаат во Македонија специјално за трансверзалата, а Македонската Бесконечна Трансверзала полека се пробива на радарот на европската трансверзална планинарска сцена.

Трасата на новата секција Z2 е достапна на sammiana.com со комплетни GPS записи, опис на сегменти и практични информации за планирање. Наменета е исклучиво за искусни планинари со GPS навигациски вештини и искуство во алпски терен.

─────────────────────────────────────────

Контакт: info@sammiana.com  |  +389 78 966 740

sammiana.com  |  facebook.com/sammianatrail  |  instagram.com/sammianatrail

Линк до страницата: https://sammiana.com/zapad/z2/

 

baner 2