Назад кон вести

Пренесуваме – Светот се менува, а во Македонија „ништо ново“ во туризмот

Anhoch

И покрај големиот број предизвици, во 2025 година туризмот на глобално ниво сепак го продолжи својот раст, покажувајќи поголема отпорност во однос на претпоставките на дел од експертите. Европа, како глобална туристичка дестинација број еден, дополнително ја зацврстува својата позиција, но истовремено сè поголем раст бележат и африканскиот континент, како и одредени азиски дестинации, кои во 2026 година стануваат сè поатрактивни за туристите, нудејќи им незаборавни искуства и можност за откривање нешто ново.

Македонскиот туристички сектор ја заокружи 2025 година со очекувани резултати и без голема помпа, особено ако тие се анализираат и споредат со резултатите од 2024 година. Со тоа уште еднаш се потврдува тезата дека за сериозен развој на туризмот е потребно многу повеќе од желба – неопходен е интегриран државен пристап, изградена структура во секторот и стратегија што ќе ги следи потребите на пазарот и можностите на дестинацијата.

Анализирајќи го првиот квартал од 2026 година и турбуленциите на Блискиот Исток, не се очекува брзо закрепнување на туристичката индустрија во овие земји, кои ќе прокнижат загуби поголеми од предвидените 80 милијарди долари за 2026 година. Сепак, туристичките текови не застануваат, туку само го менуваат правецот. Веќе е јасно дека медитеранските земји, европските градови и Европа во целина ќе останат лидери по бројот на посети, но најголем раст сепак ќе бележи Африка, пред сè поради развојот на алтернативните форми на туристичка понуда, особено екотуризмот.

Овој тип туризам ја намалува зависноста од сезоналноста и максимално се базира на локалната заедница, традицијата, еко-музеите и руралното сместување како адути на континентот. Значајна промена во патувањата оваа година, но и во годините што следуваат, ќе бидат зголемените цени, кратките одмори во различни дестинации и сè поголемото користење на вештачката интелигенција при изборот на дестинацијата и креирањето на програмите за патување.

Сепак, тука не треба да се занемари фактот дека алгоритмите на вештачката интелигенција можат да создадат масовни посети на одредени дестинации или хотелски комплекси, што дополнително ќе создаде притисок врз туристичките работници и врз менаџментот на дестинациите. Поради тоа, наместо долгорочни стратегии, туристичкиот сектор сè повеќе ќе биде принуден да работи со краткорочни оперативни планови и брзи адаптации на состојбите на пазарот.

Додека светските дестинации се подготвуваат за прелевање на туристичките текови од една во друга дестинација, на Балканот „ништо ново“ кога станува збор за туризмот. И 2026 година во многу сегменти ќе наликува на претходната.

Албанија, која изминативе години бележеше силен туристички раст, годинава се очекува да го забави темпото поради зголемените апетити на туристичкиот сектор. Во 2026 година таа ќе се соочи со предизвиците поврзани со квалитетот на услугата и со цените, кои се значително повисоки во споредба со 2025 година. Тоа значи дека оваа година може да биде пресвртна за албанскиот туристички сектор, кој сè повеќе ќе мора да гради одржливост, а не само сезоналност, базирајќи се на атрактивноста на дестинацијата и на нејзината „неоткриеност“ за голем број туристи од различни пазари.

Токму ова ќе покаже дали Албанија е дестинација за еднократна посета или земја што ќе успее да создаде лојални туристи кои ќе се враќаат и во иднина.

Србија, од друга страна, ќе продолжи по веќе сигурната патека, со стимулации за домашните туристи и насочена туристичка промоција. Отворањето сè поголем број нови авионски линии создава дополнителни можности, додека традиционалните туристички пазари и понатаму остануваат стабилна база за странските посети во текот на годината.

Белград и во 2026 година ќе продолжи да ја зголемува својата туристичка атрактивност, подготвувајќи се за „Експо 2027“, што веќе се потврдува преку хотелските резервации за бизнис и групни патувања направени една година однапред.

Косово сè повеќе се наметнува на туристичката мапа со својот специфичен пристап, постепено градејќи ги структурите во туристичката индустрија, инвестирајќи во руралните средини и развивајќи алтернативни форми на туризам. Воедно, се создаваат и сè поголеми поврзувања со регионалните кружни патувања, што може да се забележи и преку статистиката за бројот и структурата на туристите што ја посетуваат државата.

Се очекува и во 2026 година да продолжи овој тренд со благо зголемување на бројот на домашни и регионални туристи, пред сè поради растечката атрактивност на дестинацијата.

Тука сме и ние – дестинација што во најголем дел ги следи практиките од регионот. Според програмата на Министерството за култура и туризам, за 2026 година се предвидени рекордни средства за субвенции, како и уште неколку буџетски ставки, но тие генерално нема да донесат позначајни промени во портфолиото на туристички пазари од кои Македонија би привлекла нови посетители.

И понатаму ќе доминираат кружните патувања и туристичките групи во текот на сезоната, додека германските туристи ќе останат најбројни надвор од високата сезона. Просечниот престој на странските туристи ќе остане во досегашните рамки, а домашниот туризам ќе се врати на бројките од 2024 година, со што ќе се надополни падот од неколку проценти забележан во 2025 година.

Еден од поголемите и непредвидени проблеми за 2026 година е одлуката на авиокомпанијата „Луфтханза“ да престане со операции во Македонија од јуни, што ќе предизвика промени во рутите на пакет-аранжманите на дел од македонските тур-оператори, ќе создаде дополнителни трошоци и ќе влијае врз намалување на профитот.

Очигледно е дека е потребно многу повеќе од стратегија на хартија за Македонија да може да се пофали со туристички сектор во добра кондиција. За тоа се потребни суштински промени што ќе ги опфатат институционалниот капацитет, структурата на туристичката индустрија, дигитализацијата, човечките ресурси и развојот на конкурентна и одржлива туристичка понуда.

Но, пред сè, потребно е сите да си ги засукаме ракавите – и конечно да ја исчистиме државата.

Доц. д-р Љупчо Јаневски 

Ставовите искажани се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот. Колумна напишана за Локално.мк

baner 2