
Додека туристите по Европа бараат поефтино лето, најновата анализа на германскиот Завод за статистика (Дестатис) ја смести Македонија на врвот на најповолни патувачки дестинации.
Според податоците најголеми заштеди во моментов нудат земјите од источниот и југоисточниот дел на континентот. Анализата се однесува на цените на хотелското сместување и угостителските услуги, споредени со германскиот просек.
Германската статистика ја смести Македонија на првото место
На самиот врв се наоѓа Македонија, каде цените во просек се 52 проценти пониски отколку во Германија. Веднаш зад неа е Бугарија, со цени пониски за 47 проценти.
Тоа значи дека услуга која во Германија чини 100 евра, во Македонија чини околу 48 евра, додека во Бугарија приближно 53 евра.
Меѓу најисплатливите дестинации се вбројува и Црна Гора, каде што трошоците се пониски за 39 проценти. Поволни се и Португалија и Чешка, каде што цените се во просек за околу 30 проценти пониски од германските. Во Шпанија туристите плаќаат околу 22 проценти помалку.
Дополнителна предност на дел од овие земји е добрата сообраќајна поврзаност, што ги прави лесно достапни за патување со автомобил или воз.
Иако често важат за поскапи туристички дестинации, и Хрватска и Италија сепак се нешто поевтини од Германија. Во Хрватска цените се во просек пониски за девет проценти, додека во Италија разликата изнесува два проценти.
Исланд е најскапата дестинација
Од друга страна, во Австрија цените се речиси идентични, додека во Белгија и Холандија се повисоки за 13, односно 14 проценти.
Најголеми разлики се во северниот дел на Европа. Во Финска и Шведска туристите во просек плаќаат околу 10 проценти повеќе отколку во Германија, додека Норвешка е поскапа за дури 34 проценти.
Според анализата, најскапа туристичка дестинација е Исланд. Таму трошоците за сместување и угостителски услуги се речиси 49 проценти повисоки од германскиот просек. Меѓу најскапите земји се вбројува и Швајцарија.
Рангирање според цените на сместувањето и угостителските услуги во однос на Германија:
1. Македонија – 52% пониски цени од Германија
2. Бугарија – 47% пониски цени
3. Црна Гора – 39% пониски цени
4. Португалија – околу 30% пониски цени
5. Чешка – околу 30% пониски цени
6. Шпанија – 22% пониски цени
7. Хрватска – 9% пониски цени
8. Франција – 4% пониски цени
9. Италија – 2% пониски цени
10. Германија – референтна вредност
11. Австрија – речиси исти цени како Германија
12. Финска – околу 10% повисоки цени
13. Шведска – околу 10% повисоки цени
14. Белгија – 13% повисоки цени
15. Холандија – 14% повисоки цени
16. Норвешка – 34% повисоки цени
17. Исланд – 49% повисоки цени

