
Скијањето е стил на живот, уживање во безкрајните хоризонти на планините.
Вистинскиот одмор, рекреирање бара соодветна физичка подготвеност, свесност за правилно и одговорно однесување на скијачките терени.
Скијањето и сноубордингот го активираат целото тело, активност која опфаќа големи надморски височини, осцилации на температура, студ, ветар, силно сонце, варијации на телесна температура при скијање и чекање во ред при транспорт на жичара.

Со цел полесно да се справите со овие фактори и да се заштитите од повреди, пред скијачката сезона мобилизирајте го своето тело преку кардио вежби, трчање, пливање, возење точак, посета на фитнес центри, проверка и консултација со доктор за претходни повреди. Покрај физичките па и психички подготовки, важна е проверката на исправноста на ски опремата, скиите, сноубордот, везовите, кондурите итн.
Секое престојување на зимски воздух и сонце поволно влијаат на организмот. Треба да развиеме навика да бидеме на снег притоа со умереност да уживаме во благодетите на планината. Ако сакате да се вратите од скијање освежени, со пријатно исончан тен без планински трауми треба да применувате неколку основни мерки.
Облека да биде топла и удобна, доколку не располагате со високо софтистицирана облека за планина и скијање, користете природни материјали како волна, наспроти синтетиката која предизвикува потење, преладување и настинки. Облеката за турно скијање не е иста со облеката која се користи во рамките на ски центрите. Под хардшел подобро е да облечете два тенки мерино слоеви наспроти дебели дуксери кои повеќе потат. Стапалата најдобро се штитат со волнени чорапи и секогаш понесете резервен пар. Задолжителни додатоци се капа, ракавици, а при долготрајна изложеност на сонце наочари со висок УВ филтер. Носењето на заштитна кацига е задолжително при скијање со цел да се минимизира ризикот од несакани ситуации.

Нега на кожата: Користете хидрантни креми со заштитен фактор ,планината , силно сонце или ветар го горат лицето и усните поинтензивно. Внесување на течности, вода, чај, повеќе пати во денот. Дерматолозите не препорачуваат користење на т.н. масни креми кои ги затвораат порите и не дозволуваат кожата да дише. Навечер по целодневното скијање, препорачливо е туширање со млака вода, наспроти када наполнета со врела вода која сите ја сонуваат додека се на терени.
Исхраната: Појадок: комбинација на протеини и јаглени хидрати (леб, млеко, житарици, џем, мед, путер, сирење, јајце, свежо овошје…) Ручек: лесно сварлив и топол оброк, супи, динстано, варено месо со минимум маснотии, свеж или варен зеленчук, ориз, спанаќ итн. Ужина: корисно да се напиете кафе, чај, колаче + бадеми, суво грозје, лешниици. Вечера: лесни салати, супи.


